Магазин
Тина Тарнер се враќа на светската музичка сцена

Американската ар-ен-би, поп, рок и соул-пејачка на 30 септември ќе издаде албум - компилација, а на 1 октомври ќе ја стартува повратничката турнеја
Катерина Шекеровска
Годините (во ноември ќе полни 69) очигледно не и' можат ништо на рок-дивата која се подготвува за голема повратничка турнеја и старо-ново компилациско цеде. Првата турнеја на Тина Тарнер по осумгодишна пауза ќе започне на 1 октомври во Канзас Сити, а со неа ќе бидат опфатени 23 северноамерикански града, додека во почетокот на наредната година ја очекува Европа - досега се потврдени 31 настап.
Како увертира на концертната агенда, на задоволство на сите нејзини фанови, американската легенда на соулот на 30 септември ќе ја објави компилацијата „Тина!“ (во издание на „Капитол“), на која ќе се најдат нејзините најголеми хитови и ретки живи снимки, како и две нови песни „It Would be a Crime“ и „I'm Ready“.
„Одлучив да го прифатам советот на мојата добра пријателка Софија Лорен, која ми рече дека е време да им се вратам на концертите“, изјави 68-годишната пејачка, која со години живее во Европа, одговарајќи на прашањето околу причините за прекинот на концертното отсуство долго осум години.
По долга пауза Тина Тарнер се појави во јавноста во февруари на доделувањето на јубилејните 50. награди „Греми“, каде што во дует со Бијонси го испеа својот хит „Proud Mary“. Публиката најмногу ја памети по долгите нозе, големата коса и моќниот глас кои го одбележа и нејзиниот последен јавен настап.
„Стареењето е без врска, а годините се само бројка“, изјави Тарнер во емисијата на Опра Винфри. За својот 69. роденден, кој е во ноември, легендата посака на забавата да настапи Еминем. Рок-ветеранката во младиот рапер го препознава својот бунт од почетокот на кариерата.
Тина Тарнер, еден од најпродаваните и највлијателни музичари на сите времиња, неприкосновен и недостижен вокал во историјата на рокенролот, родена е на 26 ноември 1939 година во Браунсвил во американската држава Тенеси, под вистинското име Ени Ме Булок. Уште на 16-годишна возраст почна да пее во ноќни клубови во Сент Луис, каде што во 1956 година го запозна блуз-гитаристот Ајк Тарнер и стана член на неговата група „Kings of Rhythm“, најпрво како придружен вокал, а потоа и како главна ѕвезда на групата. Во меѓувреме започна и љубовна врска со Ајк, која беше крунисана со брак во 1962 година.
Ајк и Тина Тарнер во наредните години станаа големи светски ѕвезди. Со помош на познатиот продуцент Фил Спектор и почетните хитови „A Fool In Love“, „I Idolize You“, „It's Gonna Work Out Fine“, „River Deep Mountain High“, со придружната женска група „The Ikettes“ тие станаа голема светска атракција.
Следуваа уште нови хитови, но во седумдесеттите години дојде до сериозни нарушувања во нивниот однос предизвикани од големите малтретирања на Ајк поради прекумерна употреба на дрога. По наговор на пријателите, во 1973 година Тина започна соло-кариера и го објави првиот самостоен албум „The Country of Tina Turner“, кој не мина многу славно, за разлика од следниот „Acid Queen“ од 1975 година, кој беше полн погодок. На плочата има рок-обработки на класици, како што се песната на „Ролингстоунси“ - „Let's Spend the Night Together“, големиот хит на „Лед цепелин“ - „Whole Lotta Love“, песната на групата „The Who I Can See for Miles“ и нумера од нивната рок-опера „Tomi“ - „The Acid Queen“. Во 1975 година беше снимена и филмска верзија на „Томи“, каде што Тина ја доби улогата на Acid Queen.
Ајк и Тина имаат едно заедничко дете, а таа има уште еден син од врската со музичарот од „Кралеви на ритамот“, а ги одгледува и двата сина на Ајк од неговите претходни бракови. Охрабрена од соло-успехот, во 1978 година Тина Тарнер го напушти Ајк и официјално се разведоа. Истата година излезе нејзиниот нов албум „Rough“, па „Love Explosion“, кои не постигнаа значаен успех. Разочарана, во 1979 година Тина се повлече од светската рок-сцена. Се врати по пет години со феноменалниот носач на звук „Private Dancer“ (1984), каде што гитара свири Џеф Бек и за кој доби и награда „Греми“ во категоријата албум на годината.
Во 1985 година се појави во филмот „Лудиот Макс 3“, а темата „We Don't Need Another Hero“ стана светски хит. Истата година сними и дуети со Брајан Адамс и со Мик Џегер, а нејзината популарност се потврди и со излегувањето на наредниот носач на звук „Break Every Rule“ (1986). Следуваше голема европска турнеја и по неа, во 1989 година. албумот „Foreign Affair“, кој е нејзин најпродаван албум досега, продаден во над шест милиони примероци.
Во деведесеттите години на минатиот век Тина Тарнер не беше многу активна - во 1995 година ја отпеа насловната тема за филмот „Goldeneye“. „Wildest Dreams“ е објавен во 1996 година, следува светска промотивна турнеја, а во 1999 и нов албум „Twenty Four Seven“.
Од почетокот на 2000 следуваа години за одмор и посветеност на себеси и семејството. Последен пат на турнеја беше во 2000 година, додека како последно музичко издание од нејзината работилница излезе компилацијата „All the Best“, која беше објавена во 2004 година.
|