Брoj 2785  петок, 12 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

Магазин

Македонскиот изворен мелос - инспирација за "Зајди, зајди"

Извонредни гости, пријатна атмосфера и музика за душа е тајната формула на емисијата, чиј автор и водител е Зоран Џорлев

Ивона Саздовска

Емисијата посветена на македонската народна музика „Зајди, зајди“ е дел од програмската шема на ТВ Алфа, чиј автор и водител е познатиот виолинист, маестро Зоран Џорлев. За кратко време од почетокот на своето емитување, емисијата постигна висок степен на гледаност, пред се', заради враќањето на народните ноти во домовите на луѓето, наспроти големата комерцијализација со која се соочува музиката во последно време. Извонредни гости, пријатна атмосфера и музика за душа е тајната формула на оваа емисија.



Во последно време сте актуелни со емисијата „Зајди, зајди“. Можете ли подетаљно да ни раскажете чија беше идејата да се стартува со ваков проект, каде што акцентот е ставен на македонската изворна музика?

- Многу следам што се случува во областа на музиката и уметноста воопшто, така што отсекогаш сум имал потајни идеи и мисли, гледајќи одредени проекти и емисии, дека тоа јас би го направил на мој начин вака или онака...

Она што се чувствуваше како недостаток во забавните програми на телевизиите е токму емисија од ваков карактер. Поради тоа, бев пријатно изненаден кога ме повикаа од ТВ Алфа за реализација на емисија која, пред се', ќе ја негува народната музика. Со големо задоволство работев на концептот на емисијата, која со помош на телевизискиот тим доведе до производот што денес го имаме како готова емисија.



Како се снаоѓате во улогата на водител, со оглед на обврската да ги забавувате гледачите, гостите во студиото, а притоа и музички да бидете присутни?

- Досега имам учествувано на стотици интервјуа и емисии и мислев дека ќе ми биде многу полесно со водителството, но не беше така. Самата помисла дека станува збор за емисија што треба да ја водам, а истовремено и да свирам, предизвика мала трема, но и чувство на голема одговорност. Велам одговорност затоа што треба да се грижам содржините да бидат интересни и примамливи за публиката, а тука е и фактот дека аудиториумот веќе ме знае, но од сосема друг аспект. Ми требаше време да вежбам пред огледало, да се одвикнам од одредени „тикови“, зашто јас сум, сепак, виолинист кој е навикнат на одредени движења, но ништо не е тешко ако човек сака да на��чи.

Што се однесува до обврската кога треба да ги забавувам гледачите и гостите, а истовремено и музички да бидам присутен, навистина не ми претставува никаква тешкотија, затоа што искуството пред камерите и забавувањето е големо.



Дали изборот на гостите го правите сами или во тоа ви помага и тимот со кој соработувате на емисијата?

- Како што веќе реков, конципирањето на емисијата го работам јас, па со самото тоа ми е дадена и довербата во изборот на гости.



Колку време Ви е потребно за да ја подготвите емисијата, вклучувајќи ги тука и сите згоди и незгоди што може да се случат?

- Подготовката на една емисија секогаш оди паралелно со планирањето на содржините за наредната емисија, а со цел да се постигне спојливост помеѓу гостите и содржината. Временски, траењето на подготовката за една емисија зависи од тоа колку бргу може да стапам во контакт со гостите и сите учесници, бидејќи едно откажување на гостувањето го менува целиот концепт на емисијата. Што се однесува до непријатните моменти, досега не се појавиле, но доколку во иднина ги има - ќе се потрудам да не влијаат на квалитетот на емисијата.



Важите за еден од вистинските почитувачи и негувачи на македонскиот изворен мелос. Според Вас, која е причината што во последно време речиси и го забораваме тој звук, а се' повеќе се форсира комерцијалата?

- Точно е дека македонскиот изворен мелос го негувам уште од дете покрај мојот татко Наско, кој зад себе остави македонски народни песни, како што се „Не кажувај либе добра ноќ“, „Во Струмица на улица“ и многу други.

Не би рекол дека речиси го забораваме таквиот звук, туку мислам дека проблемот е што недоволно му се посветуваме и малку го пласираме во јавноста, особено на помладите генерации.



Во контекст на претходното прашање, еден од последните проекти за модерни преработки на македонски народни песни беше и цедето „Македонија засекогаш“ на кое учествувате и Вие.

- Проектот на Агенцијата за млади и спорт, во кој патем учествував и јас, го сметам за позитивен во смисла на доближување на народните песни до младата публика. Сметам дека на овој начин се постигна идејата за поголема популаризација на македонската народна песна.



Бидејќи емисијата не Ви е единствен ангажман, како успевате да постигнете и со обврските околу Средното музичко училиште?

- Обврските во училиштето и другите ангажмани се навистина многубројни, но со добра организација успевам навреме да исполнам се'. Но, понекогаш имам чувство дека ми недостигаат уште 2-3 часа дневно, за да можам да поминам повеќе време со семејството и да земам малку одмор за себе.



Новата училишна година штотуку започна, ги гледате ли во училишните клупи потенцијалните нови ѕвезди?

- Младите кои ја одбрале музиката како животна определба, како и сите други, мора да работат на својата сестрана едукација, но притоа да го засилат акцентот на сопствениот музички развој. Секоја генерација крие во себе потенцијални ѕвезди, но дали и колку тие ќе дојдат до израз, зависи од степенот на нивната посветеност кон она што го работат.



Виолината е Ваша голема љубов. Колку приватно успевате да одвоите време за неа и Вашето семејство?

- Виолината е и ќе остане моја голема љубов, но многубројните обврски и ангажмани, чиешто исполнување во голем дел е поврзано со виолината, времето за приватно дружење со неа го сведувам на минимум. Што се однесува до семејството, сите сме со свои обврски, училишни и работни, но сепак успеваме да одвоиме време за да бидеме заедно.



Каква музика Ве релаксира? Што е она што најмногу сакате да го слушате?

- По напорниот ден, тишината е одлична за одмор, но она што сакам да го слушам како релаксација додека работам дома е инструменталната музика, пред се', онаа која дејствува релаксирачки независно на кој жанр припаѓа, а особено ако е нешто ново и неслушнато од моја страна.


Статијата е прочитана 387 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Уживам да пеам во живо и со комплетен бенд
Организаторите очекуваат над 50.000 публика на концертот на Мадона во Будва
Кајли Миног за настап во Дубаи доби два милиона фунти
Гладни за победи
Тина Тарнер се враќа на светската музичка сцена
Нов хорор-бакнеж од принцот на мракот
Добро знаеш дека јас знам...