Магазин
Добро знаеш дека јас знам...

Дино Дворник е испратен од овој свет во неговиот омилен црвен костум во загрепскиот крематориум
Јасмина Павловска
„Не знам зошто сите пишуваат за тебе како за бивши, па ти се' уште се тука“, пишува 17-годишната Ела Дворник на денот на погребот (во средата, 10 септември) за својот татко Дино Дворник, хрватска музичка ѕвезда, кој почетокот на славата го доживеа во последните години на постоењето на некогашната „голема татковина“ Југославија. Навистина, необично е да се пишува како за „бивши“, за човек кој на 44 години го напушта овој свет, кој на откачено симпатичен начин ја провоцираше реалноста, ја провоцираше дури и смртта (на еден Сплитски фестивал на сцената излегол од ковчег), па дури и со својот начин на живеење како да и' одеше во пресрет. Чудно е да се поверува дека е бивши некој што цел живот се обидувал ( иако никогаш не признавал) да остане Петар Пан, да остане дете, па макар и лошо (анфан терибл)...
Но, сликите и вестите ги демантираат сите неверици, иако не можат да ги сопрат сомневањата. Хрватската фанк-ѕвезда Дино Дворник почина во неделата (7 септември) во својот стан во Загреб, тивко, за разлика од вревата и скандалите што сакаше да ја прави на сцената и во јавноста. Обдукцијата не ги покажала причините за смртта на Дино Дворник, а неофицијално покрај него се пронајдени шишенце од таблети со хептанон (терапија за одвикнување на наркозависници), како и таблети за лечење хепатитис Ц. Вистинската причина би требало да биде откриена со токсиколошки испитувања, за кои е потребно најмалку две седмици.
Во меѓувреме, Дино е испратен од овој свет во неговиот омилен црвен костум во загрепскиот крематориум. Семејството, хрватската естрада, неговите фанови во Загреб и во Сплит се простија од „лошото момче“, кое сепак беше со мила ѕвезда.
Постои една македонска анегдота за Дино Дворник од неговите рана фаза на кариерата. Откако завршил со договорените настапи, го добил хонорарот и преспал кај домаќините (инаку организатори на неговите настапи), па утрината кога го отворил фрижидерот, здогледал само една главичка кромид. „Револтирано“ излегол од станот и се вратил со продукти за да го наполни фрижидерот. Оставил се' и заминал за Хрватска. Инаку, Дино Дворник и понатаму често настапуваше во Македонија.
Во својата речиси дваесетгодишна кариера, Дино Дворник има издадено осум албуми, почнувајќи со: „Дино Дворник“, кој го издава во 1989 година, а потоа следуваат албумите „Креативен неред“, „Природа и општество“, „Лајв ин Минхен“, „Анфан терибл“, „Види ове писме“, „Биг мама“ и „Свики“. Пред смртта работел на својот деветти албум што го нарекол „Пандорина кутија“, за кој неговата сопруга Даниела вели дека и музички бил опседнат со смртта. Музичките критичари во неговата земја оценуваат дека по првите албуми, кои беа во духот на тогаш модерната фанк-музика, креативноста на младиот Дворник се исцрпила, па влегол во еден маѓепсан круг, каде што не се знаело дали се дрогира поради креативната немоќ, или креативноста му затапува поради очигледната зависност од наркотици. Констатација е дека Дино Дворник за цело време се обидувал да се достигне самиот себе од почетокот на кариерата.
Учеството на неговото семејство во реалното шоу „Дворникови“, во две сезони на хрватската телевизија РТЛ, многумина го оценуваа како потреба за медиумска експонираност во време на уметничка блокада и беше контрадикторно доживувано (всушност, како сите реални шоуа), но, сепак, сега се кажува дека зад неконвенционалните семејни односи меѓу нив имало повеќе меѓусебно разбирање, поддршка и љубов, а имиџот на „лошо момче“ на Дино станал сосема прифатлив.
Всушност, Дино Дворник како да беше предодреден да биде миленик, а со имиџот на „лошо момче“ и' се спротивставуваше на „судбата“, повеќе на реалноста - транзицијата, војната во неговата земја... во деведесеттите години на минатиот век кога крваво се распаѓаше Југославија. Како син на актерската ѕвезда во цела некогашна Југославија Борис Дворник (кој почина во март оваа година), Дино уште како дете глумел во серијата „Наше мало мисто“, каде што татко му беше главен лик. Како тинејџер, со брат му Дејан ја создаваат својата прва група „Кинески ѕид“. Но, и покрај семејниот бекграунд, Дино Дворник имаше свој автентичен неконвенционален пристап кон публиката. Па, Борис беше Борис (големиот добродушен Далматинец), а Дино го тераше имиџот на „анфан терибл“, кој внимава да не се „издаде“ со својата, всушност, питома природа.
За денот на погребот, неговата сопруга Даниела порача сите што сакаат да дојдат на последното испраќање на Дино Дворник да дојдат весело облечени - зашто емотивниот Дино со сите свои скандали и бегства од реалноста, всушност, сакал да биде весел човек. Или, како што вели во една своја песна: „Добро знаеш дека јас знам...“
|