Интервју
Уживам да пеам во живо и со комплетен бенд

Хард-рок со примеси на метал до калифорниски рок и блуз-балади се правците во кои се движи Александра Пилева на новиот албум „Get Back To Studio Rock ‘N Roll“
Катерина Шекеровска
Со концерт во живо под отворено небо, во придружба на својот бенд, завчеравечер, во кругот на студиото „Рокенрол“ во скопската населба Керамидница, некогашната ексклузивка на „М2 продукција“ Александра Пилева никогаш посвоја, музички позрела и поискусна, го претстави својот нов албум, насловен „Get Back To Studio Rock ‘N Roll“. Станува збор за музички проект кој се движи во неколку правци - од хард-рок со примеси на метал до калифорниски рок и блуз-балади.
Во една своја изјава велиш дека досега си пеела музика која не личела на тебе и дека новото цеде те прикажува во вистинска светлина. Колку овој албум ја отсликува твојата зрелост во музичка смисла?
- Овој албум сум јас, промената е драстична и многу видлива во односот на музиката од минатото. Наједноставно кажано - се изгубив во македонски поп, работен синтетички на компјутер и ми требаше она исконското, со вистински музички пристап кон тонот, инструментите. „Get Back To Studio Rock ‘N Roll“ е снимен со голем број млади музичари, секој инструмент е отсвирен во живо и секоја песна е правена бендовски, акорд по акорд , тон по тон во безброј варијанти до конечниот звук што сакавме да го добиеме во живо. Мојата музичка зрелост не ја достигнав со најновиот албум, тоа се гледа и по стилот на песните во кој се движам во два-три правци, од хард-рок со примеси на метал до калифорниски рок и блуз-балади. Со „Get Back To Studio Rock ‘N Roll“ сакавме одеднаш по малку да влеземе во овие правци, а планот е креацијата да ја насочиме на албуми кои ќе не' отсликуваат во тие стилови. Затоа и мислам дека допрва музички ќе се оформувам. Драго ми е што можев да се докажам како автор на музиката и текстовите. Работев со 15 млади музичари кои имаа огромна желба и креација да направиме нешто заедно: Зоран Костовски, Драган Денковски - Шајто, Дарко Спасовски, Оливер Китаноски - Мајка, Наум Опетчески, Деан Јанкоски - Деше, Ѓорги Калајџиески, Панче Бујуклиев, Огнен Шапковски, Димитар Петровски, Никола Бочваров - Ципко.
Колку сопругот Зоран Чадиев, ексселектор на женската одбојкарска репрезентација, те поддржува и ја разбира твојата работа со оглед на различноста на вашите професии?
- Ме разбира...
Се навикна ли на улогата на сопруга и домаќинка? Колку често се вртиш во кујната?
- За сопруга се навикнав, за домаќинка се' уште не сум почнала. Едноставно има многу малку време за редовна домаќинка. Моментно се водам како привремена или на моменти домаќинка.
Беше дел и од проектот со преработки на стари македонски песни „Македонија засекогаш”. Колку ти лежат изворните македонски песни и дали практикуваш да ги пееш на некој од твоите живи настапи?
- Да, пеам на концерти и македонски изворни песни, но преработени во рок-верзија. Звучат одлично и публиката многу ги сака. Моментно имаме преработено две песни и тоа „Билјана платно белеше“ со „Мајка бенд“ и „Калино моме“ со Јован Јованов. Македонија има огромно културно наследство во народниот изворен мелос и тоа треба навистина да го искористиме и, секако, да го пренесеме на идните генерации.
Што најмногу ти пречи на домашната естрада?
- Најмногу ми пречи што мораме буквално да се бориме со тотален аматеризам и комплетна импровизација на секој чекор.
Какви се твоите планови по издавањето на новиот албум, покрај настапот на претстојниот „Макфест”? Една од твоите желби е и снимање блуз-албум. Зошто токму блузот?
- „Макфест“ е една моја традиција и убав момент во мојот живот. Поради тоа го почитувам и секогаш ќе биде дел од мојата кариера. За блузот како поговорка - кој може да пее блуз, може се' да пее. Блузот е почетокот, основата на она што го пеам и би сакала да имам еден таков албум.
А, за иднината и плановите по албумот „Get Back To Studio Rock ‘N Roll“ - следната желба која набргу ќе ја реализираме е мојот прв самостоен концерт... Подгответе се... |