Мислења
Загрозена универзитетската автономија
Тодор Џунов
„Св. Кирил и Методиј“ е етаблиран во семејството на реномирани универзитети и без фо��мално ставање на некоја Шангајска или друга листа
Читам во весник дека се актуелизира старата заложба за растурање на најстариот универзитет во државата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Дека без какви било консултации со Ректоратот се турка идејата за расцепкување на Универзитетот во пет мали универзитети, со образложение дека бил обемен и оти факултетите така подобро ќе функционирале. Дека министерот Никола Тодоров посегнува по уставно загарантираната академска автономија. Притоа, министерот на деканите не им одговорил на прашањето зошто му пречи еден силен, развиен, интегриран и афирмиран универзитет каков што е „Св. Кирил и Методиј“. Читам и дека министерот, како што изјави на една телевизија, ќе почнел директно да ги контактира (убедува) деканите, па дури и наставно-научните совети во благородноста на идејата - Универзитетот да се најде на прочуената (до апотеоза) Шангајска листа на 500 најпознати универзитети во светот. Читам дека универзитетските професори, како и деканите, се шокирани од таквото директно мешање во внатрешната организација на Универзитетот и од грубиот упад во неговата автономија. На вакво нешто не се осмелил ниеден негов претходник.
Како поранешен ректор на овој Универзитет, најрезулативно ќе кажам дека таквото мешање на извршната власт во организацијата на универзитетот значи најгруб упад врз универзитетската автономија, дека таквите акти на просветната администрација значат најгрубо кршење на со Уставот загарантираната автономија на универзитетот, како и на Законот за високото образование, донесен од оваа власт („Службен весник на РМ“, број 35 од 14.3.2008), како и на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, потврден од Собранието на РМ („Службен весник на РМ“, број 156 од 17.12.2008).
Уставот на Република Македонија, во член 46, вели дека на Универзитетот му се гарантира автономијата и дека (член 47) Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
Законот за високото образование ја посветува втората глава на автономијата на Универзитетот. Неговиот член 11 определува дека автономијата на Универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата и дека високообразовните установи имаат право да поведат постапка пред надлежен суд за заштита на автономијата на Универзитетот. Член 12 определува дека академската слобода, меѓу другото, опфаќа самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статутот во согласност со закон. Член 13 определува дека автономијата во управувањето со Универзитетот се изразува во планирањето, остварувањето и развојот на високообразовната дејност, воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација, располагање со одобрените средства, како и со сопствените приходи, формирањето фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори поради вршење високообразовни, научноистражувачка, издавачка и применета дејност.
Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во член 5, определува дека Универзитетот и неговите единици (факултети) ја вршат својата дејност врз принципот на академска автономија, која ја опфаќа и финансиската автономија, меѓу другото, изразена во: самостојно управување со имотот, предметите, паричните средства и другите материјални права за вршење високообразовна, научноистражувачка, уметничка и применувачка дејност, односно апликативна дејност, како и самостојно располагање со средствата што Универзитетот и единиците (факултетите и институтите) ги стекнуваат од образовни дејности на додипломски, постдипломски и докторски студии и друго.
Но, освен ова, се поставува уште едно прашање: како се осмелува еден министер, во самиот почеток од својата кариера, да ја доведува во прашање егзистенцијата на најстариот и најголем универзитет, кој само пред една година, на денот на неговиот шеесетгодишен јубилеј, го доби највисокото признание на Републиката, како признание за неговиот огромен придонес во градењето и развојот на македонското општество и држава, Универзитетот кој од 1949 до 2009 година израснал од почетните три на 22 денешни факултети и десетина научноистражувачки институти, Универзитет што денес го сочинуваат 1.300 наставници, 775 помошно наставен кадар, 250 наставно-научни и научни кадри на институтите. Во текот на изминатите шест децении на овој Универзитет дипломирале повеќе од 126.000 студенти, магистрирале 5.500 постдипломци, а повеќе од 3.000 се здобиле со научниот ��тепен доктор на науки. Сите тие придонеле за севкупниот општествено-економски и културен развој на Република Македонија.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите шест децении бил расадник на високообразовни кадри, носител на општествено-економскиот развој на Македонија, а дипломите на овој Универзитет се признати во странство. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е етаблиран во семејството на реномирани универзитети во светот и без некое формално ставање на некоја Шангајска или друга листа, бидејќи има соработка со 80 универзитети во светот и е член на европски и светски универзитетски асоцијации.
(Авторот е професор по меѓународно право и меѓународни односи во пензија, поранешен ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и поранешен претседател на Уставен суд на РМ) |