Мислења
Америка ја откри Европа
Ивор Мицковски
Америка ја откри Европа и откри што значи да се има и да се живее кризата на партиите
Без разлика како ќе го оцениме поразот на Обама, без разлика какви епитети ќе одбереме за опис на дебаклот (политичко цунами или бран од историски пропорции), останува фактот дека драматичниот пораз на изборите за Конгресот доколку го читаме само според бројките, не покажува ништо ново. Промените запираат со рекордната прераспределба на силите во Претставничкиот дом на штета на демократите (нешто што се нема случено од 1948 година), додека другата новост е поголемото малцинство во Сенатот за кое се изборија републиканците.
Овие промени сами по себе не менуваат ништо во политичкиот живот на Америка. Генијалниот политички систем онаков како што бил проектиран уште пред 200 години од „татковците основачи“, не дозволува нагли промени во балансот на моќта меѓу Конгресот, Белата куќа и судството. Ако новото републиканско мнозинство во Пратеничкиот дом се одлучи да поништи некој закон донесен од Обама, некоја политичка одлука како онаа во здравството, тогаш доволно е претседателот да стави вето на новиот предлог-закон. Од друга страна, ситуацијата еден претседател да има Конгрес контролиран од опозицијата стана нормалност за политичкиот систем на Америка. Така беше дури во шест години од мандатот на Роналд Реган, ист број години за време на Бил Клинтон, како и за време на целиот втор мандат на Џорџ Буш јуниор. Гледано од тој аспект, проблемите не се само за Обама, туку се подеднакво големи и за републиканците. Ако нешто можеме да санкционираме од резултатите на овие избори е дека народот, граѓаните, се' повеќе губат доверба во политиката и во политичарите. Дихотомијата е јасна, електоратот ги гледа работите црно-бело: демократите се партијата на „Големата влада“, додека републиканците се партијата на „Големиот бизнис“. И тука наивно е да се каже дека републиканците се некакви победници. Реалноста зборува дека гласачите се однесуваат исто како во 2006 и во 2008 година, односно гласаат против партијата на власт. Таа тенденција трае веќе 20 години, но, сега може да кажеме дека кулминира. Сведоци сме на една општа критика спрема владејачкиот естаблишмент на Америка.
Како поинаку да го објасниме брзото топење на рекордниот консензус што постоеше зад Обама? Како воедно да ја објасниме поделбата во кампусот на десницата и препотентниот подем на популистичката Ти парти? Тоа се симптомите на вистинската и единствената новост што можеме да ја санкционираме по овие избори: Америка ја откри Европа и откри што значи да се има и да се живее кризата на партиите. Без разлика дали се работи за длабока криза, за нов почеток, за промена или за подобрување на американската демократија, едно нешто е јасно! Америка се' уште ја нема мапата на ова ново откритие и допрва ќе ја исцртува. За мене лично, поразот на Обама повеќе од диригираната политичка промена навестува и една промена во американското општество, која влијае и врз политиката. Не може поинаку да се објасни големата амнезија што ја доживуваат Американците, нивното подлегнување на популизмот и на екстремниот конзервативизам на движењето Ти парти.
Како Америка заборави каде се наоѓаше пред само две години? Како ли не успева да разбере дека и натаму нејзиниот проблем не е толку трошењето на државата, колку што е проблем уништената средна класа по две децении на екстремно нееднаква дистрибуција на богатството, нездржливоста на приватниот долг, финансиска криза предизвикана од политики што ги фаворизираа богатите и супербогатите. Обама се обиде да го објасни тоа, насекаде ја кажуваше метафората за автомобилот, кој поради републиканците, отиде во амбисот. Автомобил, кој го презедоа демократите, го искачија по угорнина и сега кога е на вистинскиот пат, републиканците повторно ги бараат клучев��те. Неговото прашање до електоратот беше: дали ќе и' ги дадете клучевите на десницата по катастрофата што ја создадоа? Одговорот според мене е дека граѓаните не им ги дадоа клучевите, но сигурно ставија бензин врз проблемите со кои се соочува администрацијата на Обама.
Тешко е на еден народ каков што е американскиот да му се раскаже или да му се предочи вистинската и тешка приказна за реалните состојби. Тешко е затоа што за разлика од Европа, која има преживеано огромни падови и мрачни периоди, историјата на Америка е историја на постојан прогрес, на грандиозност, на непрестаен економски раст.
Обама пред две години им продаде приказна на луѓето дека почнуваат една нова фантастична авантура кога реалноста беше дека Америка тоне, невработеноста расте, предноста пред другите сили се' побрзо се топи. Но, Обама да ја одбереше спротивната стратегија, да се нафатеше да го руши епскиот сон на Американците, тоа ќе беше еднакво на политичко самоубиство. И токму тоа го разбраа републиканците и затоа денес ја користат истата стратегија на Обама. Барак Обама е поразен од сопствените инструменти. Ти парти го искористи „моделот Обама“ и мобилизацијата на цивилното општество против политичкиот естаблишмент. Темата на овие избори беше истата онаа од 2008 година. Економската криза, рекордната невработеност, збогатени со здравствената реформа или обвинувањата за преголемото трошење државни пари од страна на Обама. Како што забележа „Њујорк тајмс“, Обама, или „апостолот на промените“, стана жртва на нетрпението на граѓаните за промени, за брзи и видливи резултати, кои колку и да се подобрени, не се доволно видливи за сите. Затоа и треба да им е јасно на републиканците дека немаат гаранции дека за две години, нивната, односно стратегијата на Обама, нема повторно да ги смени преференциите на гласачите. Затоа и тврдам дека доколку републиканците се радикализираат и целосно му се препуштат на движењето од нивните редови, Ти парти, тие нема да бидат амнестирани од секоја одговорност. Конечно, оваа десница ќе мора да се консолидира, движењето Ти парти евентуално ќе ја потроши својата емотивна енергија и ќе мора да предложи конкретни политики и решенија. Тоа значи дека ќе мора да понудат повеќе од апстрактна опозиција свртена против власта и нејзиното трошење. Мораат да кажат како мислат да ја спречат невработеноста со фискални кратења, како мислат да го намалат јавниот дефицит преку кратење на даноците. Обама има конкретни мерки и политики за тие проблеми, десницата нема. Целта на Обама во овие две години ќе биде да продолжи со реформите, но и да докаже дека таборот на републиканците нема решенија за една нова економија, токму преку формулите за кои највеќе се залага: кратење на даноците, намален дефицит и власт која помалку ќе интервенира во економијата. Со тоа, целта на Обама ќе биде да ги претстави конзервативците како хипокрити.
Заклучокот е јасен. Америка е во лимбо-состојба, во политичка и институционална криза, која ќе се решава преку непоштедна борба меѓу двата политички табора. Обама нема избор, мора да оди по својот пат, па макар тоа значело и само еден мандат. Опозицијата има избор, да и' помогне на Америка, да биде конструктивна опозиција или да се фокусира единствено на симнување на Обама заземајќи позерска улога. Просто кажано, борбата за претседателските избори во 2012 е почната, Америка е опседната со себе, а тоа негативно ќе се одрази врз меѓународните текови.
(Авторот е политички аналитичар) |