СТИЛ
Вероника веќе не паѓа на чудниот шарм на Берлускони
Во последните 15 години, откако е на теренот на политиката, Берлускони буквално живее од својот имиџ
„Вие само опишувајте ја како светица!“, им се заканил на новинарите на римска „Република“, Силвио Берлускони (72), најбогатиот Италијанец, четврт претседател на италијанскиот Совет на министрите. Тој, ни малку кавалерски, оставил да се „насети“ дека Вероника Ларио (53), негова сопруга која бара развод на бракот, е се' друго, само не е светица.
Виторио Сгарби, своевремено недисциплиниран заменик-министер во една од владите на Берлускони, отворено вели: „За водач на партија што ги поддржува семејството и христијанските вредности, банкротот на сопствениот брак е и политички банкрот. Го разбирам повеќе од кого било друг и токму затоа никогаш не се оженив“.
Имено, Берлускони се плаши дека би можел да биде погоден таму каде што се чувствува најмоќно и дека досега резервираната Вероника Ларио би можела да излезе во јавност, во трач-емисиите, каде што евентуално би изнела жешки детали за сопругот.
Во последните 15 години, откако Берлускони „се симна на теренот на политиката“, тој буквално живее од својот имиџ. Го наслушува пулсот на нацијата преку испитувања на јавното мислење, за кои троши пари незамисливи дури и за најбогатите политичари... и се приспособува на резултатите. Лесно е да се замисли каква штета баш на тоа ниво би можеле да му зададат приказните на повредената жена. Уште повеќе поради тоа што приказната за разделбата, па за разводот на Берлускониеви се заканува да прерасне во одвратна сапуница. Всушност, ниту нивната љубовна приказна не започнала онака како што мајките сакаат да им раскажуваат на децата.
Уште во 1980 година, кога почнал да и' се додворува на Вероника Ларио, Берлускони бил во брак со Карла Елвира Лучија Далољо (сега 69), за која се оженил во 1965 година. Тој самиот раскажува дека Вероника ја забележал на сцената, дека му се допаднала, па по претставата се втурнал во нејзината гардероба со голем букет рози. Тоа било во миланскиот театар „Манзони“, каде што се играла претставата „Величествениот рогоносец“. Берлускони продолжил да доаѓа на претставите, секогаш со ново цвеќе.
„Неодолив е! Ниту еден друг збор не може толку добро да го опише“, тврдела Ларио во интервју за „Пари мач“ во 1994 година, неколку месеци по формалното влегување на Берлускони во политиката, иако и претходно бил во неа, но зад кулисите, како финансиер на „црните фондови“ на Бетино Кракси во странство.
Китка по китка - врската започнала, во почетокот тајна, а изнесена на видело во 1985 година, кога Берлускони се развел од првата сопруга, со која има две деца: Марија Елвира, наречена Марина, родена во 1966 година и Пјер Силвио (1969). Раскошната русокоса очигледно била голем предизвик за не особено крупниот Берлускони, кој нема нерви да го крие својот комплекс на недоволна висина. На групните снимки со другите државници постојано се качува едно скалило повисоко, макар што секогаш носи чевли со повисока потпетица.
Силвио и Вероника ја добиле првата ќерка Барбара во 1984 година, додека Берлускони се' уште бил во првиот брак. Две години подоцна се раѓа Елеонора, а по уште две години Луиџи, наречен по татко му на Берлускони, банкарски чиновник. Држејќи се до веќе воспоставениот ритам, по уште две години Берлускони конечно и официјално се жени со Вероника Ларио. Нејзина венчана кума е Ана Кракси, сопруга на повеќекратниот италијански премиер Бетино Кракси, партнер на Берлускони во незаконските работи. Самиот Кракси е венчан кум на Берлускони, а пред тоа кум на крштавката на малата Барбара.
Првата јавна пукнатина се бележи во 1996 година: во текстот што го објавил „Ресет“ истапила сопругата на Берлускони со остра критика на ТВ-програмите полни со насилство, непрепорачливо за децата. Бидејќи нејзиниот маж тогаш беше единствениот човек во Италија и во светот кој поседуваше три телевизиски мрежи и токму неговите програми беа преполни со насилство и голотија заради гледаност - не беше нејасно дека Вероника ја фрлила стрелата кон сопругот и неговиот главен бизнис. Не долго потоа, се јавила неколку пати со политички гледишта кои не се совпаѓале со оние на сопругот. Никогаш не се допрела до нивниот приватен однос, а и Берлускони бил преполн со алузии дека ноќите ги троши трудејќи се околу сопругата. „Лесно ви е вам, одите да спиете, а знаете ли што ме чека мене!?“, се случувало да каже на крај од долгиот состанок, покажувајќи со движењата на телото на што алудира. Во 2002 година, на конференција за печат, по разговорот со данскиот премиер, дофрлил: „Андрес Фог Расмусен е најзгодниот премиер во Европа. Ќе и' го препорачам на својата жена“.
Сепак, вистинскиот раздор во јавноста избил кон крајот на јануари 2007 година. Вероника Ларио пратила писмо до „Република“, политички дневник, кој никогаш не можел да го смисли Берлускони, и барала од него јавно извинување, бидејќи јавните гласила велеле дека на Мара Карфања и' рекол: „Да не сум женет, веднаш би се оженил за вас“.
Форца Италија, тогашната најсилна италијанска партија, чиј основач и водач бил Берлускони, а всушност и сопственик, го објавила писмото на јавно извинување на Берлускони кон својата сопруга, во кое порачува дека ја цени нејзината гордост, како скапоценост во своето срце, дури и кога усните ќе му исфрлат непромислена шега. Финалната верзија на тоа љубовно писмо ја стокмил адвокатот на Берлускони, Николо Гедини. Тоа го кажува римска „Република“, која го објавила и последното писмо на бесната домаќинка, некогашна субрета и мајка на три од петте деца на премиерот, дефинитивно, уморна од сексистичките испади на сопругот.
„Ла Република“ оставала впечаток дека имала (или евентуално потплатила) шпион во римската канцеларија на Берлускони, кој од час во час бележел што се случувало. Берлускони не можел да си верува на своите очи. Портпаролот Паоло Бонајути се обидел да го сондира расположението на Вероника Берлускони, но таа не била за компромис. Гедини се обидел да ја заплаши, но ни тоа не дало резултат. Разводот се' уште е во игра!
Покрај се', Берлускони никогаш не се откажувал од имиџот на освојувач, со кој се фалел секаде. Како сведок на свадбата се обидел да ја бакне раката на 17- годишната снаа на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, жестока муслиманка, како свекорот, која не смее да дозволи друг маж со неа ниту да се ракува, а не да ја бакнува, дури ни в рака. Кога и' ја зграбил раката, новопечената снаа (гимназијалка се' до венчавката), нагло ја истргнала раката, што предизвикало очигледна реакција кај гостите, но Ердоган со насмевка изјавил: „Се' е в ред!“ На новинарите кои потоа го прашале како можел да направи таков гаф, тој им обелоденил: „Сум имал јас успеси и со Турчинки“.
Силвио Берлускони и во други пригоди сакал да биде духовит, жовијален и истовремено моќен мачо. Во Парма објаснил дека Европската агенција за прехранбена безбедност е отворена во тој ломбардиски град, а не во Хелсинки, затоа што ус��еал да ја увери финската претседателка Тарја Халонен, користејќи ги своите плејбојски способности: додворувајќи и' се толку многу што на крајот попуштила.
За Берлускони се раскажува дека имал разни врски, а и тој се фалел со нивниот број, но не ги наведувал имињата, барем не јавно. Дека била во врска со него обелоденила унгарската порнодива, па италијанска политичарка, Илона Сталер, попозната како Чичолина. Многу поконтроверзни муабети го поврзуваат Берлускони со сегашната министерка и некогашна мисица Мара Карфања. Таа била повод за првиот јавен испад на Вероника Ларио. Прислушуваните телефонски разговори откриле дека Берлускони, премиер и сопственик на телевизиските мрежи на Медиасет, на својата државна конкуренција РАИ и' препорачувал некои млади девојки.
Сето тоа Вероника Ларио стоички го премолчувала, додека не излегла приказната дека Берлускони осамнал во околината на Неапол за да и' го честита осумнаесеттиот роденден на девојката која јавно го нарекува „папи“ и која на новинарите им рекла дека често се среќава со Берлускони, дека оди кај него во Милано и во Рим, зашто тој кутриот многу работи, па не може секогаш кај неа во Неапол. Таа - Ноеми Летиција е повлечена од оптек, исчезната од „Фејсбук“, а на нејзиниот мобител се јавува груб машки глас, кој професионално уверливо бара да се „заборави таа приказна“. Исчезната е и мајката на Ноеми, која исто така полна со пресретливост раскажувала за „папи“. На тоа, сопругата на премиерот истапила со изјава, која од неа ја барала АНСА, Национална агенција на здружениот печат, во косопствеништво на 50-ина водечки италијански дневни весници. Во таа изјава го „закопала“ Берлускони и врската со него, а потоа го најавила и разводот, зашто не може, како што вели - „да остане со човек кој се состанува со малолетнички“. |