Број 2987  сабота, 16 мај 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ: Писмо од Лондон

Гастрономски рај со најлоша храна?

За лондончани, британскиот главен град е гастрономски рај, затоа што има бројни странски ресторани

Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Кога стариот француски шармер Жак Ширак пред неколку години, непосредно пред да дојде во Лондон на одбележувањето на стогодишнината од „срдечната француско-британска антанта“, без трошка дипломатски манири им плесна в лице на Британците дека имаат (заедно со Финците) најлоша храна во Европа, домаќините останаа како попарени. Злобниците ќе речат - зашто ги погоди вистината, другите, пак, зашто им беше повредено достоинството. Не можеа никако да го проголтаат тоа што таквата (дис)квалификација за нивната храна дојде токму од еден Французин, првиот граѓанин на земјата што тие во минатото ја освојувале, ама и ја бранеле и чија кујна, сепак, ја респектираат.

Долго потоа траеше дебатирањето дали навистина Британците, а посебно Англичаните, не знаат да готват и дали јадењата што ги приготвуваат се најлошите на континентот, кон кој Островјаните и порано, но не ретко и сега, се однесуваат гледајќи го одвисоко. Па, токму на англискиот кралски двор, уште пред 500 години, на престолот бил еден Хенри Осми, познат по своите гозби и „безмилосното“ јадење месо, дивеч, птици, риби и овошје, трошејќи годишно 8.200 овци, 2.300 елени и 53 диви свињи. Токму тој Хенри, во чест на францускиот амбасадор и неговата свита од 200 луѓе, има организирано „гезме“, за кое и денес се раскажува, затоа што траело цела недела и во тоа време десетици и десетици готвачи се труделе да се покажат во своето најдобро издание, нудејќи им го на гостите најдоброто што можело да се направи.

Половина милениум подоцна, Англичаните и воопшто Британците не јадат како Хенри во средниот век, посебно не диви свињи и елени, а уште помалку во оној обем во кој кралската кука во неговото време трошела, но останале бројни кулинарски рецепти што се приготвувале во вековите потоа и кои сега се класирани според кралските епохи. Сепак, Французите кои ја немале империјалната сила на една Англија и подоцна Британија одамна ја добиле битката во кујната и на трпезата, правејќи од нив заштитен знак за својата држава. Можеби Ширак беше злобен кога го рече она околу англиската храна, поттикнат веројатно малку и од желбата да им возврати на Британците и на неговиот „сер ами“ Тони (Блер) за некои политички закачки. Но, од моментот кога вашиот дописник првпат стапна на британска почва и беше угостен со еден англиски специјалитет, фиш енд чипс (риба со компирчиња, попрскани со оцет), ова јадење, како и овчарската пита (не е пита каква што јадеме ние Македонците) и уште неколку други се' уште се и за мене, а и за гостите и дојденците од странство, основното по што се препознава оваа земја, кога станува збор за кулинарството, па така излегува дека поранешниот француски претседат��л ништо не згреши.

Оние што живеат овде подолго време велат дека англиската (британската) кујна, секако, не е како француската, ама дека има многу повеќе да понуди од оној список на јадења што го знаат туристите, само затоа што е внесен во туристичките водичи. Во една таква книга, на пример, прочитав дека Македонија е позната по тавчето грав, па некој ќе помисли дека ние јадеме само грав, иако на македонската трпеза има уште многу други јадења. Британија, а посебно Лондон, последниве години забрзано ги менува на листата за јадење и навиките, па Британците, кои не можејќи во својата кујна да ги имаат (како свои) сите можни сосови и преливи за месо, приготвено на бројни начини, како што го прават тоа Французите, се отвораат максимално кон светот и кон меѓународната кујна, што во секој случај е поттикнато и од големиот наплив на странски доселеници. Во Лондон работат некои од најдобрите и најпознатите готвачи во светот. Над 40 лондонски ресторани се обележани со престижната ѕвездичка на Мислен, а малку се градовите во светот кои може да се пофалат со разновидноста на кујните што се нудат. За голем број лондончани, мераклии на доброто јадење, британскиот главен град е гастрономски рај, затоа што има бројни италијански, француски и шпански ресторани, многу ресторани со кинеска, индиска и јапонска храна, ресторани со тајландски, либански, турски и марокански јадења, грчки специјалитети, а од неодамна и еден македонски ресторан во кој има и штипска пита, пастрмаллија или бурек. Она што го прави градот таков се стотината национални заедници што живеат во него, а пред се', отвореноста на Британците кои кујните на дојденците и спремноста да ја пробаат нивната храна.

Меѓутоа, едно истражување, спроведено меѓу странските туристи и гости, покажа дека тие не само што не и' даваат преодна оценка на храната што ја нуди Лондон, туку сметаат дека таа е најлоша во Европа. Прв во анкетата со најдобра храна и најуредни ресторани е Париз, а британската престолнина е рангирана зад Москва и Варшава, градови кои според толкувањата што ми ги дадоа некои овдешни туристички работници се познати по својата неквалитетна храна во рестораните. Истражувањето го направи туристичката компанија „Трип адвајзер“ за потребите на својата Интернет-страница и одново ги придвижи работите од она место каде што застанаа кога Жак Ширак го кажа тоа што го кажа за англиската и британската кујна и за она што таа може да подготви и да понуди. Атмосферата овој пат, сепак, е помирна, затоа што не се меша во неа политиката (и француската конкуренција), но пописната листа на лондонската понуда, ако се отфрлат рестораните за брза исхрана, како што се „Мекдоналдс“ или „Пица хат“, во градските ресторани доминираат шпагетите и пиците, шпанската тапас храна, француските јадења, шкотскиот ангус стек или незаобиколната риба со компирчиња.

Домашните медиуми, патриотски побудени, се обидоа да утврдат дали навистина Лондон заслужува да биде град со најлоша храна и во своите „истражувања“ дојдоа до заклучок дека странските гости со кои разговарале не се жалат толку на храната и на тоа како е приготвена туку на цените. Британскиот главен град е прескап, а јадењето е „недозволиво скапо“ каде било и на какво ниво да се јаде, велат туристите. Компанијата што го „понижи“ Лондон да биде последен по својата храна се брани дека сознанијата од анкетата се компетентни, затоа што е правена со 2.300 испитаници од сите европски земји, инсистирајќи дека градот не нуди квалитетна исхрана и дека тоа го мислат дури и оние кои инаку сакаат да бидат во британската престолнина и често престојуваат во неа. Познатиот кулинарски мајстор Ентони Ворал Томпсон се согласува дека еден Италијанец, нормално, во лондонски италијански ресторан нема да ја добие истата храна како да јаде во Италија, како што ќе го забележи тоа секој Французин или странец ако овде се храни во ресторан со неговата кујна. Патем, и Македонците во Лондон одат во нашиот ресторан за да пробаат наши јадења, ама сите велат дека убаво зготвеното, сепак, не е како дома, во Скопје или во некој друг наш град. Тоа за Томпсон, меѓутоа, не е мана на Лондон, туку негова голема предност, затоа што на едно место може да се најде толку многу разновидна храна. Многумина гости и туристи, како и авторот на овие редови се согласуваат со Томпсон.


#
Статијата е прочитана 810 пати.

Испрати коментар

Од: Igor Pacemski
Датум: 16.05.2009 18:21:41
Ova e takva klasichna glupost. London e vodecki gastronomski centar vo Evropa so desetici restorani na koi im se dodeleni prestizhnite Michelin dzvezdi. Kako Makedonec koj zivee vo London, jas ne mozham da poveruvam kako grad so uzhasna hrana kako Skopje se drznuva da diskutira za hrana. Vprocem ako ste go posetile London i ako ste gi posetile Varsava i Moskva, kje razberete deka onoj koj mozhe gastronomski metropolis kako London da go stavi vo ist rang so pomijarnici kako Moskva i Varsava, moze da e samo right wing Francuzin, koj odamna ne videl deka Paris e demode...
Од: mezalak
Датум: 17.05.2009 13:54:27
gospdine igor ne se zalazuvaj,najdobra hrana ima australija,menito eod cela planeta,a makedoncite se pri vrvot,dobar apetit

Најди! во Утрински
Забава
Норвешка со најдобра евровизиска песна
Матурски креации за ноќта на зрелоста
Вероника веќе не паѓа на чудниот шарм на Берлускони
Опатија- Мила и препотентна морска убавица
Откажан балканскиот дел од турнејата
Срушен домот на „Милионерот-бездомник“
Три години го купувал молчењето на сопругата
Љубовно гнездо во станот на Ив Сен Лоран