„Депеш мод“
Откажан балканскиот дел од турнејата
Поради болест на пејачот Дејв Гахан, групата „Депеш мод“, дефинитивно, ги откажа концертите од балканскиот дел на турнејата во Букурешт (Романија) на 16 мај, Софија (Бугарија) - 18 мај, Белград (Србија) - 20 мај и Загреб (Хрватска) - 21 мај. Претходно се откажани и концертите во Атина на 12 мај (каде што, всушност, му се слошило на Гахан пред самиот настап) и во Истанбул на 14 мај.
Групата „Депеш мод“ е принудена да ги откаже четирите наредни настапи на турнејата „Sounds of the Universe“, поради тоа што состојбата на пејачот Дејв Гахан е влошена. Дејв е хоспитализиран и моментално е на испитувања. „Депеш мод“ и организаторите им се извинуваат на сите фанови поради непријатностите и му посакуваат брзо закрепнување на Дејв. Деталните информации за се' што ќе се случува во идните денови ќе биде редовно објавувано - стои во соопштението на организаторите на турнејата.
Откако му се слошило пред настапот во Атина, Дејв Гахан е префрлен во болница во главниот грчки град каде што минал еден ден, а потоа заминал на прегледи во САД. Во наредните денови ќе се знае повеќе за неговата состојба. Првичната дијагноза на Гахан е гастроентеритис, односно воспаление на цревата.
Освен совет до фановите низ Европа да ги зачуваат картите додека не биде објавено дали концертите ќе бидат поместени за некој друг термин или, дефинитивно, се откажани, не се знаат други какви било детали во врска со идните свирки на турнејата. |