СТИЛ
Опатија: Мила и препотентна морска убавица
Погледот ве тера да ги прифатите како логични и оправдани сите воздишки што сте ги слушнале
Јасминка Павловска
ОПАТИЈА - „Вила ’Анџолина‘, изградена околу 1836 година, во тогашната рибарската населба, близу Риека, неколку години подоцна ја купува риечкиот патрициј Игињо Скарпа, при што темелно ја преуредува и доградува. Според изделканото на порталот, како година на отворање на вилата „Анџолина“, за угледни гости, се зема 1844 година, што е наедно и година забележана како почеток на туризмот во Опатија. Скарпа околу вилата уредил и парк со странски и егзотични растенија, а вилата ја нарекол, по својата, тогаш веќе покојна сопруга - Анџолина. Меѓу гостите на вилата, во првите декади, се споменуваат и австриската царица Марија Ана, хрватскиот бан Јосип Јелачиќ... Од синот на Скарпа, Павле, вилата во 1875 година ја купил моравскиот кнез Виктор Чорински, а од него во 1882 ја откупува Друштвото на јужни железници, за од 1911 таму да биде Лекарското поверенство. По Втората светска војна, вилата во која започнува туризмот во Опатија се претвора во градска библиотека и чаталница, па туристичка заедница и други установи. Во сопственост на градот Опатија, вилата е темелно реставрирана во 2001 година и обновена во 2007 година, кога во неа седиште си добива Хрватскиот музеј на туризмот“.
„Пред ’ртот на Кварнерскиот Залив, на Велигден 1891 година, во брановите на морето исчезнале грофот Артур Кеселштат и грофицата Фрис. Во спомен на нивните души, семејството ја поставило скулптурата ’Мадона дел маре‘ од Ратаускиј, која и денеска може да се види позлатена пред црквата на свети Јаков во Опатија. Но, ’Мадона‘ во 1956 година ја урнало невремето, а за просторот да не биде празен, Цриквеничанин Цар ја моделирал ’Нимфата‘ или ’Опатија‘, или ’Поздрав на морето‘, или ’Девојката со галебот‘..., како што се' го нарекуваат скромното девојче од камен, која ги собира галебите. Таа станала хостеса на еден нов тип туризам, симбол на Опатија...“
„На местото каде што Јадранско Море најдлабоко навлегува во копното, кон срцето на Европа, во подножјето на планината Учка (1.401 м) се протега ѓердан од осум туристички места, кои се дополнуваат со своите привлечности. Опатија настанала кон крајот на 19 век, како зимувалиште на отмениот сталеж и е средиште на таа ривиера со најдолга традиција во туризмот“.
Со овие фрагменти од една локална историја, кои веќе звучат како легенди, секогаш може да се започне нова приказна за Опатија, летувалиште на северот на хрватскиот Јадран, кое ни во најортодоксниот социјализам, па ни сега го нема загубено епитетот - монденско. Опатија е се' уште грациозна, елегантна, раширена по должината речиси до Риека, иако „формално“ ги разделуваат околу 8-9 километри. Иако дел од нејзиното познато шеталиште по должината на брегот „Лунгомаре“ е именувано по австрискиот император Франц Јозеф, главната сообраќајница на градот, неколку чекори погоре од шеталиштето, се' уште го носи името на Маршал Тито. Колку и да звучи бизарно, се чини Опатија не се откажува од ниту еден период на својата историја, колку тоа за странските туристи да звучи контроверзно. Навистина, поголемиот дел од тие странски туристи, до пред дваесетина години, беа третирани како „домашни“, па за Словенците, кои за првомајските празници беа ја преплавиле Опатија, „паралелната коегзистенција“ на Франц Јозеф и Маршал Тито на опатискиот асфалт не ја доживуваа „скандалозно“. Веројатно и тие живеат со такви „паралели“, иако тие се во ЕУ, а на домаќините од Хрватска им прават „сопки“ на нивниот европски пат. На Италијанците, најбројни по Словенците, најмногу им пречеше недостатокот на место за паркирање во Опатија (но, затоа редовното казнување од полицијата ако не е истакнат уредно тикетот за паркирање на предното стакло), што речиси и не ја забележуваат паралелата. Во тие први вистински пролетни денови, на крајот од април и почетокот на мај, по патиштата низ Истра и Опатија, беа забележливи и автомобили со белградски и новосадски регистрации, па се чини дека написите на британски „Гардијан“ дека Србите се враќаат на хрватскиот Јадран почнуваат да се конкретизираат. Ако се суди според првомајската посетеност со туристи на хрватскиот дел од Јадранско Море, Хрватите во претстојната туристичка сезона нема особено да ја почувствуваат рецесијата. Нивните традиционални гости од дома и од странство „стегаат ремен“ за да се разлабават во тие десетина дена на јадранскиот брег, иако хотелиерите и останатите туристички работници во Хрватска не покажуваат тенденции за намалување на цените.
И покрај сите дневнополитички несогласувања, спонтани и конструирани скандали, со една прошетка покрај морето се' станува релативно, дури и кога временската прогноза не е идеална. Веројатно тоа е најсилниот аргумент на сите градови и места покрај море, без оглед на сите претходни (не)пријатни лични и туѓи раскажани искуства.
Погледот врз Опатија и одблизу и сега, во денешно време, ве тера да ги прифатите како логични и оправдани сите реминисценции и воздишки што сте ги слушнале во сеќавањата на познатите, постари и помлади (кој како стигнал да ја посети). Аргументите за „старите добри времиња“, изразени преку сеќавањата на опатиските фестивали, во непосреден контакт со хотелот „Кварнер“, дури и кога не е во полна работна сезона, звучат сосема издржано. Се чини дека на такво место можеле да се случуваат само „добри времиња“! Дали навистина секогаш биле добри за жителите на Опатија треба да се помачите да ги пронајдете и да ги прашате. Зашто тие не живеат во првиот ред до морето! Тој е резервиран за хотелите, ниту еден со помалку од 4 ѕвезди, во кои лесно ја прифаќате и опцијата на врнежливо време. Во тие комплекси, здодевноста е ангажирана во велнес-центрите, базените со морска вода, казината кои работата деноноќно... ако веќе дождот не ви дозволува да уживате на кафе (од 12 куни, помалку од 2 евра) на сончевите тераси покрај морето. Нешто од задоволството на „ангажираната здодевност“ е вкалкулирано во полупансионските програми, но само толку колку да ве наведе да трошите и трошите понатаму. Зашто по сауната, добро доаѓа масажа (која се плаќа дополнително), а по жетонот - подарок во казино и проработува синдромот што го опишал Достоевски во својот „Коцкар“...
Затоа се чини дека подобро, поевтино и попоучно е да почекате да се разведри и да се тргне на екскурзија покрај морето. Претходно, секако, малку релаксирана акумулација на сонце на терасата на хотелот „Милениум“, познат на балканската ТВ-публика, како место на дејство од познатата хрватска сапуница „Вила Марија“. Да, „Вила Марија“ во Опатија, навистина постои, само вистинското име и' е хотел „Милениум“, со пет ѕвездички.
Ако на северниот Јадран ве удри носталгија за македонска храна, желбата можете да си ја задовол��те во ресторанот „Скопски мерак“ во Риека. Навистина се потребни претходни сознанија за неговото постоење и упорност во барање на мапата на Риека за да го пронајдете, но кога ќе стигнете до целта, сфаќате дека носталгијата е излечлива. Малку од амбиентот, а повеќе од храната и од вината, кои навистина го имаат вкусот и мирисот на Македонија. Газдите биле Македонци, но од неодамна ги презеле сопственици од Хрватска, кои имаат намера и понатаму да го задржат името „Скопски мерак“, македонската храна и персоналот од Македонија.
Ресторанот „Скопски мерак“ во Риека
Доколку тргнете во откривање на Истра, првата голема импресија е совршениот новоизграден автопат и големиот тунел Учка, долг 5 километри. Но, таквото совршенство се плаќа со 28 куни (4 евра) за патарина во еден правец. Таблите по патот во Истра се двојазични, со имињата на местата на хрватски и на италијански јазик, поради големото италијанско малцинство во Истра. Во таа екскурзија, Ровињ може да ве потсети на Охрид, со ридот надвиснат на морето, на чиј врв се наоѓа црквата „Света Еуфемија“. Улицата шеталиште, наречено „Карера“, со продавници на сите познати брендови, потсетува на глобализацијата, а старата фабрика за цигари, која треба да се претвори во хотел (новата е преселена на 15 км од Ровињ), дури и непушачите ги асоцира на оној „Поздрав од Ровињ“.
На пат меѓу Ровињ и Пореч, препорачливо е да се „застрани“ во Лимскиот канал, каде што се одгледуваат школки, а природата е возбудлива. Пореч е ист како на старите разгледници, а кога во него се случува Саем на виното „Малвазија“, имате дополнителен мотив да го препознаете како свој.
И по екскурзијата низ Истра, сфаќате дека Опатија, која веќе ја чувствувате како дом, навистина е елегантна морска дама, која некако и личи на францускиот Кан. Се чувствува во неа монденската препотенција, но шармантно ублажена од медитеранската „фјака“ (вид мрзеливост) и нескротливата желба за муабет на нејзините жители. |