Вести
Младинките на дното во Охрид

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години заврши на дното меѓу 11 селекции што настапија на Европското првенство од дивизијата Б во Охрид. Избраничките на селекторот Лидија Милкова вчера изгубија и од Естонија со 73:65 во разигрувањето за пласман од 9 до 11 место, па натпреварувањето го завршија со максимални шест порази.
Три нули, пак, е билансот на македонската машка репрезентација до 20 години по три одиграни кола на ЕП (Б) во Сараево. По стартниот тесен пораз од Полска од 74:71, избраниците на селекторот Слободан Петровски во второто коло изгубија од Грузија со 87:75, а во третото и од Естонија со уште повисоки 95:76. Пред синоќешниот претпоследен натпревар во рамките на групата А против Романија тие го делеа „фенерот“ со Швајцарија како единствени без победа. (Р.Д.)
Ајдаров последен на ЕП до 23 години
Ристе Ајдаров заврши последен меѓу 28 натпреварувачи на 200 метра на Европското првенство за атлетичари до 23 години во чешкиот град Острава. Членот на Изгрев од Велес во квалификациите трчаше во првата група и забележа време од 22,49 секунди, полошо за 58 стотинки од неговиот личен рекорд остварен на 3 јули на Балканското сениорско првенство во Сливен, Бугарија. Со „фенерот“ од Чешка се врати и олимпијката Ивана Рожман, која на 100 м беше последна во конкуренција на 25 спринтерки. Членката на Перпетуум мобиле од Скопје истрча 12,57 сек., односно 56 стотинки послабо од нејзиниот најдобар резултат постигнат на Балканијадата во Сливен. (Р.Д.)
Андоновски прва „жртва“ во Струга
Поразот на ФИДЕ-мајсторот Љубиша Андоновски (рејтинг 2317) од Филип Матиевиќ (1932) од Словенија е најголемото изненадување на отворањето на Отворениот шампионат на Македонија во хотелот „Дрим“ во Струга.
За наградниот фонд од 153.000 денари, од кои 36.000 за победникот, се борат 42 шахисти од Бугарија, Србија, Словенија, Албанија, Украина и од Македонија. Од нив тројца се велемајстори, шестмина интермајстори, седуммина ФИДЕ-мајстори и по еден женски интермајстор и женски ФИДЕ-мајстор, а прв носител е ВМ Звонко Станојоски (2493).
Тројцата најдобро пласирани домашни играчи ќе обезбедат учество на 21. Шампионат на Македонија по Бергеров систем што ќе се одржи во 2012 година.
Резултати од првото коло: Станојоски - Владимиров 1-0, Христовски - Јаќимовиќ 0-1, Д. Стојановски - К. Стојановски 1-0, Коскоска - Николов 0-1, Богдановски - Хаџи-Манев 1-0, Качаковски - Панчевски 0-1, Данчевски - Секуловска 1-0, Алексовски - Менкиноски 0-1, Поповиќ - Бејатовиќ 1-0 итн. (Р.Д.) |