Винокуров ја заврши кариерата
Казахстанецот Александар Винокуров, кој беше принуден да се повлече од Туир де Франс по падот во деветтата етапа, вчера потврди дека ја завршува својата професионална кариера.
„Се' уште се надевам дека повторно ќе се качам на велосипед, но како аматер, заради моето здравје. Како професионалец, запирам тука. Во тимот на Астана ќе ми најдат друга улога“, изјави 37-годишникот за Француска телевизија.
Велосипедистот од Казахстан, победник на шпанска Вуелта во 2006 година и трет на Тур де Франс 2003, ја скрши бутната коска и го повреди колкот откако беше вовлечен во масовен карамбол на патот до Сан Флур минатата недела.
„Состојбата ми се подобрува и се надевам дека ќе бидам способен да пешачам за околу еден месец“, додаде тој.
Во почетокот од сезоната Винокуров објави дека ова ќе биде неговиот последен Тур де Франс, но инцидентот го натера да размислува можеби за уште еден обид в година. Тој се очекува да стане менаџер на казахстанскиот тим Астана во следната сезона.
Прашан за своите погледи за трката по изнуденото повлекување, Винокуров одговори: „Бев изненаден од играта на чекање на фаворитите во Пиринеите. Ако работите се одвиваат вака, Кадел Еванс ќе го освои Тур де Франс“. |