Пет прволигаши со нови тренери
Со нови кормилари ќе стартуваат Вардар, Брегалница, Хоризонт, Тетекс и Охрид 2004
Миодраг Мицковиќ
Пет прволигашки фудбалски клубови ќе стартуваат во новата сезона со нови тренери. Веќе стана традиција екипите од Првата лига на крајот, па дури и во текот на секоја сезона, масовно да ги менуваат тренерите, незадоволни од постигнатите резултати.
Вардар е рекордер по смената на тренерите во минатата сезона. Нов шеф на Стручниот штаб е Илчо Ѓорѓиоски, кој еднаш веќе пред неполни две години беше тренер на црвено-црните. Тој го замени Зоран Стратев, кој не се прослави многу, бидејќи тимот под негово водство испадна од лигата. Пред него, пак, во есенската полусезона тренер на Вардар беше Ѓорѓи Тодоровски, а во финишот Бразилецот Леонес де Переира.
И Брегалница ќе стартува со нов тренер, бугарскиот стручњак Никола Спасов, кој исто така пред неколку сезони беше на кормилото на штипскиот клуб. Драган Христовски, кој успешно ја водеше Брегалница во претходната сезона и обезбеди опстанок, си замина и од есен ќе седи на клупата на Хоризонт. Клубот од Турново во минатата сезона смени двајца тренери - прво си замина Шефкет Арифовски, по него и Љупчо Димовски.
Тетекс, кој до последен момент „висеше“ во прволигашкото друштво, остана без тренерот Тони Јакимовски, со кого ги постигна своите најголеми успеси, лани го освои Купот на Македонија, а годинава играше во финалето со Металург. Јакимовски не ја чекаше разврската околу судбината на Тетекс, го презеде тренирањето на Ринија од Гостивар. Требаше да го замени Влатко Колев, но тој се премисли и во последен момент тетовчани ангажираа нов тренер, Љупчо Марковски-Калц, досегашниот кормилар на Скопје, кој испадна од Првата лига. Нему ќе му помага Стојмир Урошевиќ.
И на крајот Охрид 2004. Досегашниот тренер Зоран Ѓоревски си замина, а на неговото место дојде стружанецот Здравко Цветаноски.
Останатите седум екипи ќе стартуваат во новото првенство со старите тренери. Тоа се Работнички (Горан Петрески), Ренова (Билбил Соколи), Шкендија (Ќатип Османи), 11 Октомври (Николче Здравески), Напредок (Драган Бочески), Силекс (Ане Андовски) и Металург (Жикица Тасевски). |