Федералните резерви ги намалија каматите до виртуелна нула
Економистите, сепак, прашуваат дали тоа ќе има голем ефект врз економијата
ЊУЈОРК - Во најновиот обид да ја стимулира американската економија, Банката на федерални резерви ја намали клучната каматна стапка во опсег меѓу 0 и 0,25 проценти и очекува стапките да останат блиску до досега невиденото ниско ниво во наредниот период.
Централната банка вообичаено поставува специфична цел за нејзината стапка на федерални фондови, наместо опсег на намалување. Претходно, стапката беше еден процент, и ова е првпат Банката на федерални резерви да ги намали стапките под еден процент. Повеќето инвеститори очекуваа банката да ги намали стапките или на 0,25 или на 0,5 проценти. Ова е десетти пат банката да ги намалува стапките во последните 15 месеци.
Неколку банки најавија дека ги намалуваат примарните стапки на 3,25 проценти со оглед на одлуката на банката. Вообичаено, примарната стапка е три процентуални поени повисока од стапката на федералните фондови.
И покрај драматичниот карактер на оваа реакција на банката, некои економисти прашуваат дали тоа ќе има голем ефект врз економијата. Тие велат дека проблемот за потрошувачите и компаниите сега не е трошокот за зајмување, туку достапноста на кредитите и послабите економски основни елементи. Постои загриженост дека приближувањето на стапката до нула ја остава Банката на федерални резерви со малку простор за дополнителни чекори, доколку економијата наскоро не почне да покажува знаци на подобрување.
Но, банката соопшти дека разгледува различни чекори кои може да ги преземе за да ја стимулира економијата и да ги одржува ниски стапките на пазарот, вклучувајќи купувања на долгорочни меници на американското Министерство за финансии. „Банката на федерални резерви ќе продолжи да ги разгледува начините на користење на билансот на состојба за натамош��а поддршка на кредитните пазари и економската активност“, соопшти банката.
Објаснувајќи ги причините за намалувањето на стапката, банката соопшти дека американската економија, која официјално е во рецесија една година, е во опасност да ослаби повеќе и дека ризикот за инфлација „забележително“ се намалил. Сепак, висок официјален претставник на банката рече дека дефлацијата не е главната загриженост на банката. Меѓутоа, банката ќе продолжи да ги следи цените и соодветно ќе реагира.
Намалувањето во САД вчера го следеа централните банки на Хонгконг и Кувајт, а спуштање на стапката најави и Норвешка. Аналитичарите сметаат дека сега и Јапонската централна банка ќе биде принудена да ја спушти својата каматна стапка од сегашните 0,3 отсто.
Веднаш потоа, доларот значително опадна во однос на другите валути, откако Банката на федерални резерви ја намали клучната каматна стапка на рекордно ниска вредност. Доларот изнесуваше 1,4094 во однос на еврото, 1,5511 во однос на фунтата и 88,43 спроти јапонската валута. Во меѓувреме, стерлингот падна на рекордно ниска вредност во однос на еврото, сред очекувањата дека Банката на Англија можеби уште повеќе ќе ги намали каматните стапки. Американските каматни стапки сега се најниски меѓу развиените земји.
Во почетокот на декември, Банката на Англија ги намали стапките од 3 на 2 отсто, а Комитетот за монетарна политика размислуваше за уште подлабоко намалување. (Си-Ен-Ен/Би-Би-Си) |