„Саса“ пред затворање?
Без добивање концесии за нови рудни истражувања ќе нема работа
Иван Бојаџиски
ШТИП - Две години рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица бара концесија за геолошки истражувања. Тоа е неопходен услов за проширување на концесиското поле за експлоатација на рудата, а во економска и финансиска криза е можен спас за натамошно работење.
Сега се заканува опасноста од затворање на рудникот.
Првото барање од „Саса“ било упатено до Министерството за економија уште во 2007 година, а второто на 14 август годинава. И во двата случаја одговор нема, а тоа е она кое носи најмногу грижи кај раководството и рударите.
„Финансиската и стопанската криза што го зафати светот се одрази и на цената на металите, олово и цинк, која денес изнесува илјада долари за тон. Тоа е за четири пати пониска од најдобрата берзанска цена во изминативе три години. Ние сме на големи, всушност на претешки маки. Најголемиот проблем е тоа што без концесија за нови рудни истражувања на простори кои се граничат со нашето концесиско поле, ние наскоро нема да можеме да експлоатираме руда. Тоа значи ќе престанеме со работа. Во одделни подземни делови веќе сме многу близу до границата на нашата постојна концесија. Ако набргу не дознаеме што понатаму, работењето ќе биде невозможно“, вели Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој во „Саса“. Првиот пат рудникот барал концесија за рудни истражување на простор од 18 квадратни километри. Пред четири месеци, со цел да не сопре производството, побарана е концесија на само 800 квадратни метри.
„Најновото барање се однесува на делот кој ургентно е потребен за да не прекинеме со работа. Ние мора итно да констатираме каде се наоѓаат рудните тела, зашто без такво сознание не ќе можеме да продолжиме со постојната експлоатација. Веќе сме до самата граница до каде што имаме дозвола да вадиме руда. Потоа не ќе можеме да одиме на слепо во подземјето, а за подготовка и изградба на подземни коридори се потребни години“, објаснува Прохоров.
Во „Саса“ процениле дека ако ја добијат бараната концесија, макар и за помалиот терен, тие ќе знаат која е содржината на металите во суровата руда. Во такви околности, со штедење насекаде каде што е можно, рудникот нема да се затвори, ќе работи и ќе чека подобри времиња. Тоа, според нивната експертиза, можело да се издржи и со сегашните ниски цени на металите. Ако се одолжува со дозволата за геолошки истражувања, и ако цените уште паднат, тогаш и „Саса“ ќе се најде пред ѓаволски тешката дилема за ставање клуч на рудникот.
„Не е тоа единствениот проблем. Имаме големи проблеми и со штипската дирекција на УЈП. Оваа дирекција почна да пресметува концесиски надомест кој е надвор од законот и кој се применува само за „Саса“ и за ниту еден друг рудник во Македонија. За последните две години оваа дирекција побара нови 26 милиони денари, но ние сме решени тој износ да не го платиме. А нема да го платиме, бидејќи буџетот за оваа и за наредната година го правевме токму на резултатите и записниците од инспекцијата што ја направи Министерството за економија. Тие се надлежни околу сумата за концесија што треба да ја плати еден рудник. Во нашиот случај тоа е во спротивност со решението на УЈП. Ние сме во страв нашата сметка да биде блокирана и на вработените да не можеме да им ја исплатиме декемвриската плата пред Нова година и Божик. Рударите точно во ден ги добиваа своите плати“, вели Прохоров.
Во што е проблемот со УЈП? Прохоров вели дека УЈП бара концесиски надомест наместо за просечната содржина на металите во рудата кои на еден тон изнесуваат 700 килограми, да се плати и на преостанатите 300 килограми кои се мешавина од пет-шест штетни метали како железо, сулфур, манган, силициум...
Односот на УЈП го цениме за непрофесионален и против интересите на стопанството, бидејќи овој орган ги презема надлежностите на Министерството за економија кое единствено има право да носи одлуки за плаќање концесија, категоричен е директорот Прохоров.
„На ваквата одлука на УЈП се жалевме до Второстепената владина комисија. И додека комисијата донесе одлука ние можеме да бидеме блокирани, а рударите да останат без пари. Ако не се побрза со доделувањето на бараната концесија за рудните истраги, нема да биде чудо ако и кај нас заигра катанецот“, потенцира Максим Прохоров. |