Следува клуч на врата за „Лотарија на Македонија“
Владата ја постигна целта, да се затвори „Лотарија“, вели директорот на компанијата Димов
Соња Маџовска
Згаснува „Лотарија на Македонија“. Долгогодишниот приредувач на игри на среќа се очекува идната година да стави клуч на врата. Во компанијата велат дека власта со тоа, конечно, ја постигнала својата цел.
Со оглед на тоа што последнава година им беа одземени поголемиот број лиценци за организирање игри на среќа, од „Лотарија на Македонија“ потенцираат дека не им останува ништо друго освен да ја затворат фирмата. Најпрво Владата и' ја одзеде лиценцата на „Лотарија на Македонија“ за лото и за бинго, а потоа како што истекуваа и другите лиценци, државата им ги одзеде и нив, односно Министерството за финансии не им даде нови.
„Владата ја постигна целта - да се затвори ’Лотарија на Македонија‘“, изјави директорот Митко Димов. Според него, најстрашно е што 240 луѓе ќе останат без работа. Од нив, 100 веќе се прогласени за технолошки вишок, а деновиве се подготвуваат решенија за уште 30 работници. ’Лотарија‘ има уште11 лиценци и тоа за автомат-клубови. Како што истекуваат лиценците, а не добиваме нови од Министерството за финансии, ги затвораме објектите. Всушност, на денот на истекувањето на лиценцата, доаѓаат од Управата за јавни приходи со решение за забрана за вршење дејност“, објаснува Димов.
Компанијата веќе го затворила казиното во хотелот „Александар палас“ во Скопје поради истечена лиценца, а од неодамна е затворено и казиното во хотелот „Белви“ во Охрид, но тоа е поради намален обем на работа и нерентабилност.
„Лотарија на Македонија“ вчера излезе со соопштение на веб-страницата на Македонска берза, како ценовно чувствителна информација, во кое ја информира јавноста дека престанала со приредување игри на среќа поради неможноста да ги продолжи лиценците. „Лотари��а“ известува дека иако навремено ги доставила барањата за продолжување на лиценците, од Министерството за финансии нема добиено одговор.
Исто така, поради истечена важноста на лиценцата за приредување посебна игра на среќа обложување на спортски натпревари - „Бетинг“, „Лотарија“ поднела барање за нова лиценца, но компанијата се' уште не добила одговор.
Всушност, од вкупно 22 поднесени барања за приредување посебни игри на среќа во автомат-клубови, „Лотарија на Македонија“ добила лиценци само за шест од нив.
Од Министерството за финансии велат дека станува збор за истечени лиценци, бидејќи оваа компанија за секој објект имала посебна лиценца. Но, сепак, по нивното истекување, не им се одобруваат нови. „Причина за тоа, најверојатно, е неисполнување на условите за работа или некомплетна документација при поднесувањето на барањата за обновување на лиценците“, вели портпаролот на Министерство за финансии Мартин Мартиновски.
Поради сите овие проблеми со кои се соочува „Лотарија“ во последнава година, компанијата покажува драстично зголемена загуба.
Во првите девет месеци од годинава има остварено загуба од 1,5 милион евра. Ова е драстично зголемување на загубата во однос на истиот период лани, кога компанијата имала загуба од 280 илјади евра.
„Лотарија“ веќе втора година е без лиценца за приредување лото, од што најмногу заработуваше. Министерството за финансии и' ја одзеде лиценцата откако Владата реши да организира државна лотарија. Првично беше формирано само акционерско друштво во стопроцентна државна сопственост, но со месеци доцнеше изборот на менаџери. Сега велат дека менаџерскиот тим е избран, поставен е и директор. Од Владата вчера соопштија дека се работи на подготовка на организирање државна лотарија. „Моментно се прави анализа за тоа колку пари се потребни за да функционира државната лотарија и колкав ќе биде влогот на државата. Се бара и соодветен простор каде што ќе биде сместена. Менаџерскиот тим треба до крајот на декември да излезе пред Владата со комплетна анализа за државната лотарија да профункционира од идната година“, изјави портпаролот на Владата Шефик Дураки. |