Семејствата апелираат да не се усвојува законот за мировниците
Роднините на загинатите кај Блаце бараат да се прифатат нивните сугестии
Даниела Трпчевска
Да не се усвојува предложената верзија на законот за посебни права на мировниците, која ја подготви Министерството за одбрана, да се прифатат нивните сугестии за висината на надоместокот за претрпена душевна болка и за решавање на станбеното прашање, се дел од барањата на семејствата на единаесеттемина загинати мировници во хеликоптерската несреќа кај Блаце, кои денес јавно ќе ги изнесат на средба со новинарите. Прес-конференцијата е планирано да се одржи симболично пред влезот на македонското Собрание, каде в понеделник пратениците ќе расправаат за предложениот закон.
Ставени пред свршен чин, откако Министерството за одбрана, и по неколкуте средби и консултации, не ги прифати нивните забелешки за законот за мировници, семејствата на загинатите кај катлановско Блаце апелираат пратениците да размислат пред да го стиснат копчето и да гласаат за законот, со кој не се согласуваат во одредени делови.
„Бараме да престанат манипулациите на Министерството за одбрана дека 95 отсто од нашите барања се внесени во Предлог-загонот за правата на мировниците. Факт е дека предложениот закон е на наша штета, а не со цел да се подобри статусот на семејствата на загинатите мировници“, вели Миле Васиќ, татко на загинатиот мировник Александар.
Тој тврди дека нивните главни барања не се испочитувани, туку дека станува збор само за „препишана верзија на Законот за бранителите“. Личното мислење на Васиќ е дека мировниците и бранителите се различни категории, со што е неопходен и различен пристап во решавањето на нивните проблеми.
„Нашите забелешки се однесуваат на фиксното одредување на надоместокот за душевна болка. Во предложениот закон е предвидено тој да изнесува 40 плати, а ние бараме тоа прашање да се решава со Законот за облигациони односи. Тоа значи надоместокот да не се одредува фиксно, туку да се определува справедлив надоместок и да не се ограничува неговата висина“, укажува Васиќ.
Семејствата на загинатите мировници не се согласуваат и со одредбите на законот кои се однесуваат на решавањето на станбените прашања, бидејќи „ги доведуваат во положба да бидат социјални случаи“. „Одредени членови од законот за решавање на станбеното прашање (како членовите 28 и 29), отвораат можност за манипулација и за ескивирање при исполнувањето на обврските од страна на надлежните. Тие едноставно можат да кажат дека немаат пари за решавање на станбеното прашање и се' да падне во вода“, велат од семејствата на загинатите во минатогодишната хеликоптерска несреќа.
Во изминатиот период семејствата побараа поддршка од пратеничките групи за да се стопира усвојувањето на оваа верзија на законот, за што остварија средба со Стојан Андов, Радмила Шекеринска, Силвана Бонева и Тито Петковски. Велат дека добиле поддршка од сите, освен од владејачката партија. Од таму само им било ветено дека ќе го запознаат премиерот и министерот за одбрана со нивните забелешки.
Според предложениот закон на Министерството за одбрана, кој се подготвуваше речиси една година, секое семејство на загинатите мировници ќе треба да добие оштета од 10.000 евра. Со оглед на тоа дека семејствата веќе добија еднократна помош од Владата во висина од 24 плати и 12 плати од АРМ, односно вкупно по 18.000 евра, тие сега се прашуваат дали со усвојувањето на законот ќе бидат доведени во ситуација да враќаат дел од добиените средства.
„Никаков материјален надоместок не може да ни ги надополни загубените деца ниту, пак, може да ја ублажи болката која ја чувствуваме. Но, ваквата мала парична помош предизвикува чувство на потценетост и омаловажување на се' она што го вложија нашите деца при учеството во странските мисии“, вели Васиќ. Семејствата се незадоволни бидејќи сметаат дека надлежните органи досега не направиле ништо за да се расветлат причините за паѓањето на хеликоптерот . |