Судењето за „Пепел“ продолжи и покрај штрајкот со глад на притворените
Во судот се очекува да сведочат и претставници на два американски тутунски гиганта
И покрај тоа што сите притворени, а обвинети во случајот „Пепел“ веќе трет ден штрајкуваат со глад, сепак, вчера судскиот процес што се води против овие лица продолжи непречено. Всушност, вчерашниот тек на судењето доаѓа не само по штрајкот што го започнаа притворените, туку и по расправиите што ги имаа некои од адвокатите со Судскиот совет кој постапува во овој случај.
На рочиштето судот распита тројца од предложените сведоци, а беше предвидено и сослушување на претставник на Управата за јавни приходи, како и правните застапници на тутунските гиганти „Филип Морис“ и „Бритиш-Американ тобако“.
Сведокот Љубомир Радевски посведочи дека учествувал во изготвувањето на записникот за извршен попис во Тутунскиот комбинат - Куманово и според неговото кажување налогот за попис бил издаден од Регионалната дирекција на УЈП во Штип.
Повиканиот Фадиљ Аземи потврди дека останува на она што го изјавил во својство на сведок пред истражен судија, но дека сака да ја надополни својата изјава. Имено, Аземи рече дека не набавувал цигари од сега обвинетиот Есат Фазли, туку од друго лице со исто име. Тој рече дека обвинетиот Фазли го видел непосредно пред започнувањето на рочиштето и дека токму тогаш сфатил дека не се работи за она лице кое тој го посочил токму под името Есат Фазли. Сведокот изјави дека го видел Есат само еднаш во животот кога тој му испорачал 300 штеки цигари, а дека на него би упатен од некое момче кое го запознал на пазарот во Куманово. Аземи потврди дека непознатиот Есат, во уште една пригода и во негово отсуство, му испорачал уште 250 штеки цигари. Судот на овој сведок му ги прочита имињата на сите 34 обвинети во случајот „Пепел“, но тој рече дека не познава ниту еден од нив.
Технологот Драги Цветановски изјави пред Судскиот совет на скопска „единица“ дека не му е познато оти од 2006 до 2008 година во Тутунскиот комбинат во Куманово биле произведувани цигари од странски марки. Според овој сведок, комбинатот не поседува адекватни тутуни за производство на вакви цигари, а и машите им се застарени и расипани. Цветановски кажа дека за производство на овие цигари се потребни свежи тутуни со висока класа и не постари од две години, како и соодветни адитиви. Тој даде негативен одговор на прашањето дали во ТТК забележал клишеа за производство на странски марки цигари. (Љ.С.)
Притворените во Шутка и вчера одбија храна
Триесеттина притвореници, кои веќе трет ден се во штрајк со глад, и вчера одбија да примат храна. Иако првично беше соопштено дека причина за стапување во штрајк со глад е лошиот третман кон кумановецот Бајруш Сејдиу, сепак, најголем број од притворените лица со кои вчера контактиравме велат дека причини има повеќе и оти бројот на оние кои штрајкуваат е многу поголем.
„Можам да потврдам дека не штрајкуваат со глад само оние кои се притворени за случајот ’Пепел’, туку дека меѓу штрајкувачите има и лица кои се обвинети за случаите ’Изгрев’ и ’Радуша’“, рече еден притвореник, кој го поддржува ваквиот начин на протестирање.
Самиот Бајруш Сејдиу потврдува дека тој не е единствена причина поради која притворениците одлучиле да стапат во штрајк со глад.
„Секој штрајкува од свои, лични причини, а не од солидарност со мене. Овде, со мене, има 18 лица кои се во затворот ’Шутка“, а најголемиот број од нив ниту ме знаат ниту ме познаваат. Кој би бил нивниот мотив да штрајкуваат поради мене? Јас само можам да кажам штрајкот само дополнително ќе ми ја влоши и онака лошата здравствена состојба“, изјави обвинетиот Бајруш Сејдиу. (Љ.С.) |