Тетовец загина копајќи ѕид од куќа
Врз Шафи Арифи (62), наставник во пензија од тетовско Селце, паднал бетонски столб
ТЕТОВО – Тетовец загина при уривање на куќа, откако врз него паднал бетонски столб. Во несреќата која се случи во вторникот попладне, околу 16 часот, загина Шафи Арифи (62), наставник во пензија од тетовското село Селце.
Врз него паднал бетонски столб од стара куќа, при што се здобил со тешки повреди на главата. Неговата сопруга го забележала пригмечен и облеан со крв. Со крајни напори успеала да го извлече од под столбот и со возило веднаш бил пренесен во Клиничката болница во Тетово. Лекарите констатирале смрт, како последица на здобиените тешки повреди на главата. Жителите на Селце и негови колеги од училиштето во кое Шафи го минал целиот работен век како наставник, а еден период и како директор, зборуваат дека се работи за исклучителна личност, солиден просветен работник и вреден човек.
Соседите велат дека Шафи сам постепено ја уривал старата градба во дворот и оти во критичниот ден почнал со уривање на темелите. Во еден момент, при невнимание, додека ја раскопувал земјата, врз него паднал бетонскиот столб.
Тетовската полиција извршила увид на лице место. Според официјални полициски информации, потврдени од лекар-специјалист по судска медицина, на телото немало траги на насилство. Вчера телото му било предадено на неговото семејство, а во попладневните часови, во присуство на голем број жители, наставници и ученици, го погребале на муслиманските гробишта во родното Селце. (Г.Е.)
|