Див таксист се обидел да поткупи двајца полицајци
Див таксист, кој не поседувал лиценца за работа, се обидел да поткупи двајца полицајци, кои го запреле при рутинска проверка. Како што соопшти МВР, поднесена е кривична пријава против 55-годишниот таксист М.К. од Скопје, поради кривично дело давање поткуп.
Скопјанецот, завчера во 7,20 часот, на улица „Иван Козаров”, со возило „шкода фелиција”, на кое поставил табла од такси-компанијата „Вардар”, бил запрен од двајца полицајци кои му побарале документи за лична идентификација, лиценца за работа и лекарско уверение.
„Откако кажал дека нема лиценца за работа со такси-возило на еден од полициските службеници му дал 1.000 денари, со цел полицајците да не преземат санкции против него поради не поседување лиценца за вршење такси-превоз“, велат во МВР. Полицајците ги известиле своите претпоставени, по што М.К. бил приведен во полициската станица „Кисела Вода”, каде со него е разговарано.
Во текот на првите четири месеци од годинава, според статистиката на МВР, се регистрирани вкупно 12 кривични дела давање поткуп, за што се пријавени 12 лица. Од нив седум се македонски, по двајца косовски и романски и еден албански државјанин. Петмина се на возраст над 50 години, останатите имаат од 20 до 50 години, а еден е малолетник. (Д.Т.) |