Таксени марки ќе се плаќаат и преку мобилен
Административната такса ќе може да се плаќа и преку мобилен телефон.
Апликацијата што беше промовирана вчера на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје ја поддржуваат „андроид“, „блекберис“ и „фон“-телефоните и со само три чекори ќе може да се изврши плаќањето. Услугата е достапна за сите граѓани, но и за студентите кои преку неа ќе може да извршат плаќање на таксените марки.
„Со ова Македонија се доближува уште повеќе до развиените европски земји во примената на информатичкото општество и очекуваме дека со наредните апликации што ќе бидат комплетирани во наредните шест месеци ќе бидеме меѓу првите земји во Европската унија“, нагласи Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација.
Тој апелираше институциите и факултетите да се пријават во Министерството за информатичко општество и администрација за да добијат корисничко име и лозинка и да ги обучат луѓето во институциите што ќе бидат назначени да работат со овој систем и ќе можат да извршат проверка дали е успешна трансакцијата.
Ивановски најави дека во тек е и евалуацијата за набавка на системот за електронски документи на граѓаните, кој ќе овозможи да се добиваат над 20 документи преку компјутер или преку телефон. (МИА) |