Кристин Лагард ја презеде функцијата директор на ММФ
Поранешната француска министерка за финансии, Кристин Лагард, официјално ја презеде функцијата извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Уште во стартот на својот петгодишен мандат, Лагард ќе се соочи со проблемот поврзан со должничката криза на Грција, која може да доведе до банкрот на оваа земја-членка на еврозоната, што би го загрозило глобалниот банкарски систем. Лагард ќе мора да именува и ново раководство на Фондот, кое ќе треба да ги спроведе веќе договорените прераспределби на правото на глас во ММФ, со кои би требало да се зголеми влијанието на државите со забрзан економски развој на сметка на развиените земји. Земјите со забрзан економски развој, пред се', Кина и Индија, се надеваат дека со доаѓањето на Лагард на директорската функција ќе добијат некои од клучните функции во новото раководство на ММФ, со што дополнително би се зголемило нивното влијание. Лагард доаѓа на функцијата директор на ММФ откако нејзиниот претходник и сонародник Доминик Строс-Кан поднесе оставка поради обвинувањата за силување хотелска собарка. Во меѓувреме, обвинувањата против Строс-Кан, кој важеше за главен фаворит за нов француски претседател, се повлечени, со што дополнително се засилија шпекулациите дека тој е жртва на заговор. (МИА) |