Владата и медиумите да информираат за климатските промени
„Владата и медиумите треба да се потрудат да ја информираат јавноста за климатските промени, треба да се воспостави одржлив економски развој, стабилизирање на водоснабдувањето и штедење на водата во општините“, ги информираше вчера парламентарците и новинарите Тони Џунипер, директор на британската НВО„Пријатели на земјата“. Тој ги пренесе искуствата и напорите што ги прават западните земји со справувањето со климатските промени и подигнувањето на јавната свест за глобалното затоплување. Според Џунипер, и Македонија се соочува со истите предизвици како и повеќето европски земји, односно како да се подигне свеста кај населението за проблемот на глобалното затоплување и како да се изнајдат стратегии за подобрување на состојбата со емисијата на гасови. „Проблемот на земјите во транзиција е уште поголем, бидејќи нивна примарна цел е да ја развијат својата економија, но, сепак, е многу значајно да се посвети внимание на климатските промени и на политичките и стратегиите за ублажување на овие проблеми“, рече Џунипер. (В.Д.)