Шекеринска заминува од врвот на СДСМ, но останува во политиката
Лидерката во оставка имала повеќе понуди, но пратеничкиот мандат е главен за неа во овој момент
Александра М. Митевска
На 18 септември, кога ќе се одржи конгресот на СДСМ, официјално ќе и' заврши и претседателскиот мандат во партијата на Радмила Шекеринска, откако пред околу три месеци таа поднесе оставката на функцијата, преземајќи ја одговорноста за слабите изборни резултати. Шекеринска беше лидер на социјалдемократите неполни две години, исто колку и нејзиниот претходник Владо Бучковски.
Нејзиниот наследник Зоран Заев, пак, ќе биде уште пократко на партиското кормило, бидејќи по осум месеци, најверојатно, ќе треба да му го отстапи местото на Бранко Црвенковски, кому во мај ќе му заврши претседателскиот мандат и кој може да се пофали со 12-годишно лидерско искуство во СДСМ.
Додека траеја нагаѓањата дали Шекеринска ќе остане во лидерскиот кабинет за да го премости вакуумот до изборите в година, во јавноста се проширија различни приказни околу тоа каде би ја продолжила кариерата долгогодишната политичарка, која се градеше низ форумите на СДСМ уште од почетокот на деведесеттите и ги помина сите скалила во власта, почнувајќи од локалната, преку законодавната, па до вицепремиерската функција во владата.
Нејзините сопартијци се уверени дека заминувањето на Шекеринска од лидерската позиција нема да значи и нејзино дистанцирање од високата политика. Тие го имаат предвид нејзиниот став дека социјалдемократите мора да исфрлат на површина и нови лица, но сметаат и на нејзиното искуство, особено за прашањата што ги засегаат евроатлантските процеси.
„По конгресот ќе седнеме сите заедно и ќе разговараме кој на која позиција во партијата би можел најмногу да придонесе за консолидација на опозицијата“, велат во раководството на СДСМ.
Шекеринска, пак, кусо коментира дека останува во политиката, со самото тоа што моментално е пратеничка и дека ќе се обиде подобро да ја врши пратеничката функција. Што ќе биде потоа или во меѓувреме, ќе размислува кога ќе дојде време.
Таа ќе биде активна на политичката сцена и со самото тоа што беше реизбрана за претседателка на Советот за евроинтеграции, а летово стана и потпретседателка на Социјалистичката интернационала.
Дури и проструија информации дека Шекеринска би можела да биде адутот на СДСМ за градоначалничката функција во главниот град, на која типува опозицијата, имајќи предвид дека преку резултатите во Скопје се мери успешноста на една партија на локалните избори. Меѓутоа, нејзините соработници сметаат дека станува збор за шпекулации што ги пласираат нејзините опоненти кои „знаат дека е млада за да се кандидира за шеф на државата и дека комуналните проблеми не се нејзин фах“.
Во една варијанта се спомна и можноста Шекеринска и Бучковски повторно да бидат потпретседатели, кога Црвенковски ќе се врати за лидер. Но и оваа опција засега останува во сферата на шпекулациите. Поиздржани се покажаа информациите дека Шекеринска добила понуди за ангажман во некоја од европските институции во Брисел или во Стразбур, ама дека засега останува дома.
Во периодот по изборите во 2002 досега, речиси сите поголеми партии поминаа низ лидерски смени. Исклучок е ДУИ, која од формирањето нема забележано изборен пораз. И речиси сите поранешни лидери останаа помалку или повеќе активни на политичката сцена. Единствено, поранешниот премиер и долгогодишен лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, годинава и дефинитивно се дистанцира од политиката. По поразот на изборите во 2002, тој си поднесе оставка, по што беше пратеник уште во два мандата, но во 2006 беше кандидиран од ВМРО-НП, партијата што ја формира и која сега е маргинализирана.
Црвенковски замина од кормилото на СДСМ во 2004, кога беше избран за претседател на државата, а сега се очекува неговото враќање во партијата. Активен како пратеник остана и неговиот наследник Владо Бучковски, кому конгресот на СДСМ му изгласа недоверба по поразот на изборите во 2006 година. Лани од челната позиција во ДПА се повлече Арбен Џафери, кој ја водеше партијата од нејзините почетоци во 1993. Меѓутоа, годинава, на предвремените избори, Џафери повторно беше носител на листа на ДПА и беше избран за пратеник. |