Во Битолската епархија иконите препуштени на забот на времето
Дел од иконописот на црквата „Св. Петка“ во Маловиште
Неколку црковни објекти во Битолскиот и во Демирхисарскиот регион се во критична состојба
Битола - За повеќе од три илјади икони е потребна итна конзервација и реставрација во Преспанско-пелагониската епархија. Во четири цркви фрескоживописот е во катастрофално лоша состојба. Ова го предупредуваат експерти од Заводот и музеј во Битола. „Состојбите нема лесно да се надминат. Не се проблем само парите, туку и фактот што државата не располага со доволен број стручен кадар“, велат конзерваторите.
„Оваа година направивме увид на состојбата на иконите и фрескоживописот, но и на храмовите во Битолскиот, Преспанскиот и Демирхисарскиот регион. Ако состојбата на иконите ја оценуваме со бројки, тогаш таа би била двојка или евентуално тројка. Не само иконите, туку и фрескоживописот ни е во многу лоша состојба. Многу малку од црквите ни се заштитени и конзервирани“, предупредува Оливера Макриевска, конзерватор во Завод и музеј Битола. Со анализата на терен на битолските конзерватори, неколку црковни објекти во Битолскиот и во Демирхисарскиот регион се во критична состојба, што според нив е неизбежна итна превентивна заштита.
Ваквата слика за дел од македонското национално богатство не може да се надмине само со обезбедување материјални средства. Уште е полошо тоа што регионот има недостаток на стручни кадри, состојба што релевантните институции не можат да ја премостат преку ноќ.
„Не се само парите секогаш во прашање за некои работи. Немаме доволно стручен кадар, тоа е најважниот сегмент“, вели Макриевска. Во вакви услови, битолските конзерватори единствено интервенираат само онаму каде што се алармантни работите. Се конзервираат икони и фрескоживописи на кои им е потребна итна заштита. Останатите се препуштаат на времето.
Во битолскиот Музеј веќе неколку години работи лабораторија за конзервација и реставрација на икони. Има простории специјално наменети за метал, керамика и икони. Голем дел од битолчани своите икони им ги доверуваат на конзерваторите од оваа институција за нивно зачувување. Најстарата домашна икона за која сопственикот побарал стручна заштита датира од 18 век. „Има многу граѓани кои доаѓаат и ги оставаат домашните икони. За конзервацијата им наплаќаме по неколку илјади денари во зависност од оштетеноста. Битолчани располагаат со големо културно богатство“, вели Макриевска.
Завод и музеј Битола деновиве го реализира проектот за конзервација и реставрација на фрескоживописот, икони на дрво и керамика, при што со искуства пренесени од бугарски експерти ќе се обиде да ја надмине состојбата. (А.Б.) |