Свечена изведба на „Тапани во ноќта“ во Прилеп
Хит-претставата на прилепскиот театар „Тапани во ноќта“ од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, вечерва во 19,30 часот ќе има гала-изведба на матичната сцена со свечено доделување на наградите добиени на годинешното 48. издание на меѓународниот театарски фестивал МЕСС во Сараево.
На овој реномиран фестивал, кој спаѓа во редот на најважните фестивали на просторите на поранешна Југославија, кој се одржа 18 до 26 октомври во Сараево, прилепскиот театар се закити со дури четири големи награди: сребрен лавров венец за најдобра претстава од програмата на средна Европа, златен венец за најдобар млад режисер кој го доби Мартин Кочовски, наградата на критиката за фестивалско остварување, како и награда за најдобра претстава од едно босанско списание.
„Тапани во ноќта“ ги освои овие престижни награди во конкуренцијата на 33 претстави од 17 земји од светот кои гостуваа на фестивалот. Додатен куриозитет во однос на ова гостување во Сараево беше фактот што прилепскиот театар прв пат во историјата на своето постоење учествуваше на МЕСС во Сараево. Исто така, за првпат во своето постоење, со истата претстава, прилепскиот театар оваа година гостуваше и на „Белеф“ во Белград, на 16 јули, и на „Експонто“ во Љубљана, на 23 септември, уште два навистина големи и престижни фестивала на просторите на поранешна Југославија. Сето ова само по себе го наметнува заклучокот дека токму претставата „Тапани во ноќта“ годинава беше најголемиот македонски извозен продукт во сферата на театарот. (Л.М.) |