„Најубавата - невестински фустани од 19 век до денес“
Во Музејот на град Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Најубавата - невестински фустани од 19 век до денес“, чии автори се етнолозите, виши кустоси Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска.
Ќе бидат претставени 40 невестински фустани, модни додатоци и 80 фотографии, кои ги отсликуваат нивните стилски промени во период од двесте години, но и еволуцијата на модата воопшто.
„Невестинската облека и модните додатоци на изложбата се претставени и во нивниот социјален и историски контекст, преку фотографиите од периодот на кој му припаѓаат. Промената на невестинската облека се случувала напоредно со промената на положбата на жените што ја носеле. Презентираните предмети на невестинска облека, собрани и зачувани низ времето ја претставуваат фамилијарната, но и колективната меморија и наследство“, посочуваат етнолозите.
Фустаните датирани од периодот од 19 век до Втората светска војна и се во сопственост на Музејот на град Скопје и Музејот на Македонија, а останатите за оваа прилика се отстапени од приватни лица. (К.Б.) |