Културата ни е на интензивна нега
Народот е бомбардиран со се' освен со естетика. Државата не покажува вистински интерес за културата
Сунчица Уневска
Неодамнешниот Фестивал на европски филм „Синедејс“, кој помина со речиси празни сали, уште еднаш го наметна прашањето за тоа зошто нашата публика е се' помалку присутна во киносалите, но и не само таму. Намалувањето на публиката е се' поголемо и поизразено особено кога станува збор за културните настани. Алармантна станува незаинтересираноста и рамнодушниот однос кон следењето на културата, кон следењето на трендовите во културата овде и во светот. Се чини како никому да не му е многу важно што сте донеле и што значи тоа во одреден општествен и уметнички контекст или какво е неговото влијание. Но, гледано генерално, ако се направи споредба со останатите културни настани кај нас во областа на театарот, операта или џезот, сепак, излегува дека бројот на публиката најдрастично е намален и се' повеќе се намалува кога станува збор за филмските фестивали и се' поретките филмски премиери. Поради сето ова се обидовме да направиме поширока и посериозна анализа за ваквата состојба и за причините за неа, кои секако се многу подлабоки од она што изгледа на прв поглед.
Според Петар Волнаровски, виш филмолог во Кинотека на Македонија, причините се различни и ги има повеќе. Тој смета дека јавно се' помалку се зборува за филмот, дека нема емисии посветени на филмот, не се зборува за тоа во медиумите, нема маркетинг. „Мислам дека во суштина има стандардна публика, но киноприкажувањето не е атрактивно. Прво, нема каде да се гледаат филмовите, видете какви ни се киносалите. А, и нема вистински третман кон кинопрограмата како културен момент, таа е сведена на комерцијален момент“, изјавува Волнаровски. Порано имаше традиција на одење в кино, традиција на посета на културни настани, додека, според Волнаровски, денеска нема сцена. „Последнава деценија културата е утврдена како последна. Кај луѓето нема желба за општа култура, таа е убиена од други интереси. Народот е бомбардиран со се', освен со естетика. Културата се' повеќе оди надолу, а и државата не покажува вистински интерес за културата. За археологијата, за историјата, но е и за културата. Таа живее на апарати, на интензивна нега, а на тој начин не може да се чува култура“, ни рече Волнаровски.
Според дистрибутерот „Манаки филм“, односно директорката Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, филмските фестивали, за разлика од другите фестивали, се дополнително хендикепирани со пиратеријата која е присутна на секој агол во државата. „Врвните драмски остварувања, џез-музиката и друго никогаш не биле и не се дел од секојдневјето и од уличната хаотична понуда. Филмот не е привилегија само на љубителите и познавачите на оваа уметност, тој е наменет за најшироката популација, но ова важи само за светот, не и за Македонија“, објаснува Ќурчинска-Пепељугоска. Недостигот на публика на филмските фестивали таа го гледа како резултат на непосетеноста и на редовните комерцијални филмски прикажувања, што е врзано, пак, со недостигот на инфраструктура иако во Македонија стигнуваат најновите филмски остварувања. „Но, успеавме во текот на транзицијата целосно да ја уништиме постојната филмска култура, а да не изградиме нова“, додава Ќурчинска-Пепељугоска.
И продуцентот Роберт Јазаџиски смета дека намалената посета на публиката се должи на повеќе фактори. Еден од нив, секако, е развојот на технологијата и условите за гледање филмови кај нас. „Со ваква состојба на киносалите, проекциите се поквалитетни дома отколку во киносала, каде што имате застарени филмски прожектори, лош звук и нема затоплување“, вели Јазаџиски. Пиратеријата игра голема улога, но, како што вели тој, повеќе генерации израснаа во услови на непостоење киносали и тие не ни можеа да стекнат навика на одење в кино. „А, премиерите, фестивалите и културните настани се заборава дека бараат и сериозен ПР и маркетинг“, додава Јазаџиски, кој повторно е убеден дека состојбата можеби би се променила донекаде кога би имало поголема македонска продукција, бидејќи гледачите сакаат да видат македонски филмови.
Додека проф. д-р Антоанела Петковска, социолог, вели дека постои апатија и отуѓеност. Според неа, заборавивме што значи културата за подобрување на квалитетот на живеење. „Во одењето на културните настани повеќе го нема оној свечен чин, нема со кого да се споделат. Голем проблем е што веќе не и' се придава такво значење на културата, таа не е социјален чин“, додава професорката Петковска.
Тука е и прашањето на маркетингот, луѓето се презафатени, заморени и демотивирани и многу е важен начинот на информирање. „Луѓето се отуѓени, но не зборуваме само како за психолошки феномен, туку и како социолошки и филозофски феномен. Луѓето се' повеќе губат интерес за себе и за другите“, објаснува Петковска. Таа вели дека има и различен вид публика, секако, има влијание и економскиот момент, но и тоа што публиката доаѓа на некој културен настан со идеја за некаков повисок стандард и останува разочарана. Често пати публиката мисли дека не е најдобро информирана и има чувство на маргинализирана култура.
Факт е дека ова не е едноставно прашање на кое може да се даде еден одговор. Работите се сменети и тоа на многу лошо и проблемот е што ваквата состојбата оди само надолу, без никакви изгледи да се подобри. Интересен е примерот што ни го посочи Петар Волнаровски за изјавата на еден министер од друга земја, кој вели дека ако една година нема култура, се' во земјата ќе отиде надолу, и економијата и сите други сегменти. А тоа и се потврдило. Можеби дури таквите последици ќе придонесат до поголемо занимавање со овој феномен, кој се чини се' уште не го сфаќаме доволно сериозно. |