„Травијата“ за Нова година
По повод новогодишните празници, на сцената во Македонската опера и балет, вечерва во 20 часот, повторно ќе биде изведена една од најпопуларните опери на Џузепе Верди „Травијата“. Диригентската палка е во рацете на Бисера Чадловска, а главната улога ја толкува гостинката од Бугарија, сопранот Маријана Панова како Виолета. Во вечерашната изведба на „Травијата“, во главните улоги учествуваат и тенорот Зоран Сотиров и баритонот Горан Начевски, како Алфред и Жорж Жермон.
Режисер на претставата е Емил Бошнаков од Бугарија, сценографијата е на Живоин Трајановиќ, а костимите се на Марија Пупучевска. (Т.И.) |