Грција е училиште за скандали
Владата на Караманлис ја тресат корупциски афери, но никој од десетиците осомничени се' уште не се појавил на суд
АТИНА - Костас Караманлис, адвокат по образование, ги отфрла тврдењата за корупција во неговата влада, истакнувајќи дека верува во грчкиот правосуден систем. Сепак, низа скандали за подмитување го нарушија позитивниот рејтинг на премиерот. Дури негодуваат некои пратеници од централно-десничарската партија Нова демократија на Караманлис. Тие укажуваат дека правосудството се движи со бавно темпо - како полжав, му недостига експертиза за финансискиот криминал на 21 век и е под влијание на политичарите. Никој од десетици осомничени од истрагата за корупција се' уште не се појавил на суд.
Најмалку еден скандал сериозно го засрами Караманлис. Христос Захопулос, висок претставник на културата кој некогаш ја водеше изборната канцеларија на премиерот, се обиде да се самоубие во декември минатата година поради тврдењата за уцена од неговиот секретар. Обвинителите го обвинија Захопулос дека замижал пред десетици илегални договори, кои овозможиле да се развијат заштитени локации.
Разрешувањето во јули на Јоргос Зорбас, шеф на грчката единица против перењето пари, предизвика нови озборувања. Зорбас се жалеше дека правосудството не ја поддржало неговата истрага за скандалот околу владините обврзници во вредност од над 300 милиони евра, кои беа купени од државните пензиски фондови по надуени цени. Тој не можеше да ги погледне офшор банкарските сметки што се користеа за пренесување приходи од измамите. Прелиминарниот извештај на Зорбас, во кој се вовлечени неколку политичари, стигна до обвинителите, меѓутоа тој стравува дека ќе биде отфрлен.
Уште три години до изборите, лежерниот став на Караманлис за таквите скандали би можел да функционира. Тој веќе покажа дека е принципиелен лидер со разрешувањето на двајца министри во кабинетот, поради мали прекршувања на законот. Тоа помага, бидејќи опозициските социјалисти (ПАСОК) се во тотален метеж. Нивниот проевропски лидер Јоргос Папандреу се соочува со константни критикувања од незадоволната националистичка фракција во партијата. Тој прилично заостанува зад Караманлис во анкетите за јавното мислење.
Сепак, Караманлис можеби нема да биде во состојба да ја игнорира грчката инволвираност во скандалот со подмитување во „Сименс“. Рајнхард Шекачец, поранешен извршен претставник во германскиот електронски гигант, кој снабдува опрема за државниот телекомуникациски оператор на Грција, даде штетна изјава на судењето во Минхен во почетокот на годината. Тој рече дека „провизии“ од осум отсто од вредноста на договорот им биле исплатени на грчките политичари и високи извршни претставници преку мрежа на офшор компании. Вкупниот износ надминувал една мил��јарда евра, тврдеше тој. Поголем дел од тоа очигледно завршило кај претставниците од ПАСОК, кои беа на власт од 1993 до 2004 година, но владата на Нова демократија, која беше избрана таа година, одобрила договор во вредност од над 40 милиони евра за опрема за обезбедување на Олимписките игри во Атина.
Никос Загоријанос, обвинител кој го истражува случајот „Сименс“, наскоро ќе замине за Германија. Поранешен официјален претставник на ПАСОК, Теодорос Цукатос, призна дека примил 400.000 евра од локален шеф на „Сименс“, како изборен придонес во 1999 година кога тој бил помошник на премиерот одговорен за собирање политички донации. Среде таа сензација, Киријакос Мицотакис, пратеник на Нова демократија, кој е син на поранешниот премиер, неодамна плати превидена сметка за разводна табла, која била доставена до неговата приватна канцеларија од „Сименс“, а копија од фактурата беше објавена во еден грчки весник.
Гласачите, кои се со стегнат ремен, се' повеќе ја критикуваат корупцијата на високи позиции. По една деценија силен развој, економијата се забавува иако БДП се очекува оваа година да се зголеми за 3,5 отсто. Зголемените каматни стапки создаваат притисок врз приходите. Инфлацијата е блиску до пет проценти. Се наѕираат нови даноци додека владата на Караманлис се бори да го одржи буџетскиот дефицит под контрола. Мнозинството на Караманлис во парламентот, со две места, е премногу мало за да се дозволи каква било грешка. Неколку пратеници на Нова демократија се вратија од одмор со бунтовничко расположение. Жртвувањето неколку високи политички лидери во името на транспарентност можеби е пологично отколку борбата во предвремени избори. (Економист)
|