Олмерт и формално поднесе оставка на функцијата премиер
Ако Ципи Ливни добие одобрение од Перез да се обиде да формира нова влада, таа ќе има 42 дена да состави коалиција
ЕРУСАЛИМ - Израелскиот премиер Ехуд Олмерт вчера ја предаде својата оставка на претседателот Шимон Перез, соопшти кабинетот на Олмерт, но лидерот, погоден од скандали, би можел да остане на функцијата со недели или месеци се' додека се формира влада. Олмерт, кој се соочува со кривично обвинение во истрага за корупција, изјави претходно, на неделната седница на кабинетот, дека се повлекува „во согласност со доброто управување“ и дека историјата ќе пресуди за достигнувањата на неговата администрација.
Тековната политичка неизвесност уште повеќе ги згасна изгледите за мировен договор меѓу Израелците и Палестинците, за кој САД се надеваа дека Олмерт и палестинскиот претседател Махмуд Абаз би можеле да го постигнат оваа година. Кабинетот на Олмерт истакна во соопштението дека тој ќе се состане со Перез во резиденцијата на претседателот „со цел да му го предаде писмото на оставка“. Потоа Олмерт ќе стане привремен премиер се' додека Израел добие нова влада по пат на коалициски договор или предвремени избори.
На местото на Олмерт како лидер на владејачката партија Кадима доаѓа министерката за надворешни работи, Ципи Ливни, која победи во средата на внатрепартиските избори, зголемувајќи ги шансите да стане прва жена премиер на Израел по Голда Меир во 70-тите години. Олмерт вети дека ќе поднесе оставка кога ќе биде избран нов претседател на Кадима. На седницата на кабинетот, Олмерт и' посака успех на Ливни, се поздравија и ја повика државата да ја поддржи. (Ројтерс)
|