Во бомбашки напад во Пакистан загинаа 53 лица, меѓу кои и чешкиот амбасадор
Камион-бомба експлодирал пред хотелот „Мериот“ во Исламабад, при што се запалила зградата
ИСЛАМАБАД - Самоубиствениот напад со камион-бомба во саботата, во кој загинаа најмалку 53 лица во хотелот „Мариот“ во главниот град на Пакистан, има обележја на операција на Ал Каеда, јавија пакистански разузнавачки извори. Спасувачките екипи кои го пребаруваа запалениот хотел пронајдоа нови изгорени тела утрото по експлозијата која го претвори „Мариот“ во пекол. Чешкиот амбасадор, еден Американец и еден германски државјанин се меѓу загинатите, додека околу 271 лице се повредени во опустошувачката експлозија, јавија високи владини претставници. Повеќето весници проценуваат дека билансот на жртвите би можел да се зголеми до 60.
Внатрешната безбедност во нуклеарно вооружениот Пакистан, земја која има витално значење за војната против Ал Каеда и другите исламски милитантни групи, се влошува со алармантна стапка во последните две години. Експлозијата носеше знаци на напад од Ал Каеда или некој разгранок, јавија американски и пакистански разузнавачки претставници. „Софистицираноста на експлозијата покажува дека тоа е дело на Ал Каеда“, јави пакистански разузнавачки офицер за Ројтерс. Друг офицер забележа сличности со нападот со камион-бомба врз канцеларијата на Федералната истражна агенција во источниот град Лахоре во март, кога загинаа 20 луѓе. Цивилната влада предводена од премиерот Јусаф Раза Гилани се соочува со се' поголем предизвик од милитантите додека економијата е на работ на пропаст. „Тие сакаат да ја дестабилизираат земјата, тие сакаат да ја дестабилизираат демократијата, сакаат економски да ја уништат земјата“, изјави Гилани вчера за новинарите. Премиерот, исто така, ја потврди информацијата за смртта на чешкиот амбасадор. Медицински претставници јавија дека се повредени помалку од 20 странци.
Нападот се случи неколку часа откако новиот претседател Асиф Али Зардари, вдовец на убиената поранешна премиерка Беназир Буто, го одржа првото обраќање во парламентот, на оддалеченост од неколку стотици метри, повикувајќи да се искорени тероризмот. Силно обезбедуваниот хотел, кој е дел од синџирот хотели со седиште во САД и популарен кај странците, дипломатите и богатите Пакистанци, со часови беше зафатен од оган по експлозијата. Зардари вчера имаше телевизиско обраќање до нацијата и рече дека експлозијата е кукавички чин. „Ова е епидемија, рак во Пакистан што ќе го искорениме. Нема да се плашиме од тие кукавици“, рече тој.
Милитантите започнаа бомбашки напади, главно врз безбедносните сили во северозападниот дел, во знак на одмазда за нападите врз нив. „Тие даваат многу јасна, недвосмислена порака дека доколку владата продолжи со таа политика, тие ќе одговорат на овој начин“, рече Талат Масуд, генерал во пензија и воен аналитичар во врска со нападот. „Тие велат - можеме да нападнеме каде било, во кое било време, без оглед колку мислите дека е добра вашата безбедност“, рече тој.
Нападот во саботата е досега најголем во главниот град. Се случи шест месеци откако цивилна влада ја презеде власта и еден месец откако американскиот сојузник Мушараф беше принуден да се повлече од претседателската функција.
На патот пред влезот на хотелот се создаде кратер со длабочина од шест метри. Хотелот претходно два пати бил нападнат. Министерството за внатрешни работи јави дека бомбата веројатно содржела над 500 килограми експлозив. Огнен пламен и чад се издигаа над хотелот на пет ката и 290 соби, лоциран во силно обезбедувана зона. Десетици автомобили се уништени, а прозорците се скршени на растојание од неколку стотици метри. Повеќето луѓе во хотелот успеаја да побегнат пред да се прошири огнот, а вчера фоторепортер на Ројтерс забележа тело на терасата на највисокиот кат.
Пакистанскиот сопственик на хотелот „Мариот“, еден од само два хотели со пет ѕвездички во градот, рече дека обезбедувањето имало престрелки со напаѓачот пред да го активира експлозивот на влезот на хотелот. Клеменс Штајнканп, Германец, кој е полесно повреден, рече дека обезбедувањето на хотелот ги предупредило гостите да се повлечат во задниот дел од зградата кусо време пред да се случи експлозијата. „Ништо не се случи пет минути, а потоа имаше огромна експлозија“, рече тој. (Ројтерс) |