Прилепските сарми влегоа во Гинисовите рекорди
Направена е најголема порција во светот со 80.191 посна сарма
Најголемата порција со 80.191 светиниколска посна сарма што ја подготвија вредите раце на 150-ина прилепски домаќинки ја отвори вратата на Прилеп и на Македонија во Гинисовата книга на рекорди. Рекордот е освоен. Прилеп и официјално од вчера се најде на веб-страницата на Гинисовите светски рекорди.
„Проверив се' за да се уверам дека се' беше според нашите правила и стандарди за рекорд. Сега на мое големо задоволство официјално го прогласувам новиот Гинисов светски рекорд за најголема порција зелка“, го обелодени рекордот Талал Омар, судијата од Гинис.
А домаќинките го подготвија рекордот во еден ден според критериумите на Гинис: „Се подготвувавме два месеца. Работеа вредно три организации, се координиравме одлично, во еден ден ги завиткавме и ги сваривме сармите во 40 тенџериња. Горди сме на успехот, особено затоа што се работи за специјалитет карактеристичен за Прилеп и јадење што се служи на посна слава, а е задолжително на празникот Свети Никола“, вели Лилјана Горгиеска, претставничка на прилепските домаќинки.
Радосен и задоволен од освоениот рекорд е и градоначалникот Марјан Ристески, кој е носител на иницијативата.
„Овој е голем ден не само за Прилеп туку и празник за Македонија“, изјави Ристески.
Најголемата порција сарма во светот беше изложена на големата трпеза во центарот по повод градската слава Свети Никола, а ја вкусија илјадници прилепчани.
„Прекрасно, превкусно, да ни е за многу години. Храната е преубава, но дружењето е уште поубаво“, велеа прилепчани во обид со туркање да ја остварат целта да дојдат до една мала порција со посен грав и сарма.
Покрај светиниколски посни сарми, на трпезата беа сервирани уште 200 килограми грав и 50 килограми риба. Чествувањето на светецот - заштитник беше залиено со неколку тони црвено вино и добро расположение на граѓаните кои се натпреваруваа во најбрзо јадење на сто посни сарми.
Во чест на празникот, во присуство на архиепископот г.г. Стефан и владиката Петар, се одржа свечена литургија пред параклисот во центарот на градот што го носи името на Свети Никола, светецот кој пред три години е прогласен за заштитник на Прилеп.
Домаќинот на годинешното чествување, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и кумот на идната прослава, директорот на прилепската пиварница, Сашо Самарџиоски, на своите сограѓани им посакаа здравје, среќа, љубов и бериќет во годината што доаѓа. (М.Т.) |