Различни математики за дупката во здравствената каса
Надлежните министерства со различни проекции
Јасмина Јовановска
Министерството за финансии и Министерството за здравство се со различни математики за дупката во Фондот за здравствено осигурување што ќе се појави со воведувањето бруто-плата. Од Министерството за финансии изнесоа дека дефицитот ќе биде околу 21 милион евра, додека од Министерството за здравство тврдат дека тој ќе биде три пати поголем, односно околу 60 милиони евра, или тоа е речиси едногодишен буџет на здравствената каса. Разликата во математиката меѓу финансискиот и здравствениот сектор од околу 40 милиони евра, според добро упатени економски извори, се должи на тоа што проекцијата на Министерството за финансии е преоптимистичка, а на Министерството за здравство се базира на реални проекции.
За финансиерите дефицитот во фондовската каса нема да биде поголем од 21 милион евра затоа што се надеваат дека кусокот на парите што ќе се појави со намалување на придонесот ќе се компензира со зголемувањето на платите за сметка на плаќање придонеси и на хранарината и превозот, новите вработувања, како и поголем економски раст. За разлика од финансиерите, во здравство не се толку оптимисти. За нив намалувањето на придонесот од околу два отсто за здравствената каса ќе значи помал прилив на средства од околу 20 отсто. Така, ако се знае дека годишниот буџет на Фондот изнесува околу 330 милиони евра, ова значи дека во здравствената каса ќе се слеат околу 60 милиони евра.
Овој дефицит економските експерти тврдат дека тешко ќе може да се надополни со мерките што го предлага Министерството за финансии и додаваат дека вакви мерки не може да мисли еден добар макроекономичар.
Поголемиот прилив на кој се надева Министерството за фина��сии, со тоа што придонес ќе се плаќа и на хранарината и превозот, е далеку помал од оној што ќе се појави со намалување на придонесите. „Реално гледано, зголемувањето на платите за околу 4.000 денари, колку што во просек изнесуваат хранарината и превозот, ќе значат околу 280 денари повеќе придонес за здравствената каса. Со нив ни оддалеку нема да може да се покрие реалниот дефицит од околу 60 милиони евра“, велат стручњаци за здравствена економија.
За да се надополни реалната дупка во Фондот, математиките на економските стручњаци е дека платите треба да се зголемат за околу 11 отсто или за толку да се зголеми бројот на вработените. А ваквите движења се многу оптимистички за наредната година, во услови кога владее глобална економска криза.
Затоа, во Фондот за здравствено осигурување се категорични дека, доколку потфрли проекцијата на Министерството за финансии, тие од нив ќе ги бараат парите до денар да им се обезбедат од државниот буџет. „Не очекувам да се јави толку голем дефицит. Но, доколку се реализира, ќе си ги бараме сите пари до денар. Нема да дозволам поради овој дефицит да трпи капитацијата на лекарите или, пак, да не може да се набават лекови за пациентите, а болниците да колабираат“, категоричен е директорот на Фондот за здравствено осигурување Ѓорѓи Тренковски. Тој се согласува со проекцијата од околу 60 милиони евра дефицит во здравствената каса со која во јавноста излезе министерот за здравство, Бујар Османи.
|