Уставен суд поведе постапка за „Мал ринг“
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за изменување и дополнување на ДУП „Мал ринг“, донесена од Советот на Општина Центар на 29 јануари годинава. Судот ќе оценува дали планот е донесен во законска постапка со оглед на тоа што скратената постапка во усвојување на урбанистички планови е укината во декември минатата година.
Имено, измените на ДУП-от се донесени по скратена постапка, а тоа значи само постоење предлог на план и утврдување на планот. Во време на усвојувањето на планот немало законска основа за таква постапка. Одлуката морало да биде донесена во редовна постапка под што се подразбира да постоеле фаза на нацрт на планот и фаза на предлог на планот пред да се донесе деталниот урбанистички план, а во конкретниот случај недостасувала фазата на нацртот на планот и можноста за произнесување на граѓаните по планираните содржини во него. Со конкретните измени, во планот „Мал ринг“, Општина Центар го предвиде ретроизгледот на катните гаражи кај Музејот на холокаустот и кај МЕПСО и „Телеком“, на катната гаража кај хотел „Холидеј ин“, новиот објект на МНР или уметничко естетска содржина во партерот на платото пред Македонската опера и балет и други вкупно 19 интервенции. (С.Н.) |