Матичните лекари нема да прават систематски прегледи
Лекарите по медицина на труд може да изберат дали ќе бидат специјалисти или матични лекари
Јасмина Јовановска
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) им забрани на матичните лекари кои се и специјалисти по медицина на труд да работат систематски прегледи. За забраната ФЗО до ординациите по медицина на труд испратил циркуларно писмо со кое на лекарите им се поставува ултиматум да се одлучат дали ќе работат како матични лекари или ќе бидат специјалисти по медицина на труд.
Во писмото како образложение се наведува дека како матични лекари треба да им бидат 24 часа на располагање на пациентите. Лекарите реагираат на оваа забрана и велат дека ќе мора да затворат дел од ординациите поради тоа што немаат доволен број пациенти, а систематските прегледи им биле дополнителен приход колку да преживеат. Лекарите уште велат дека ваквата забрана може да биде на штета и на пациентите. Во општините каде што има по еден или двајца матични лекари, а кои се специјалисти по медицина на труд, постои опасност пациентите да останат без матичен лекар. Систематските прегледи носат поголем профит, па најголем дел од нив ќе се одлучат да продолжат да работат како специјалисти, велат лекарите.
„Како може Фондот да се стави над Министерството за здравство. Од Министерството, врз база на закон, добив дозвола да работам како специјалист по медицина на труд, а Фондот со циркуларно писмо ми забранува да работам како специјалист. Со кое право Фондот се меша, па нели ординациите за примарна медицина се приватни фирми. Кој може да ми забрани ако една смена сум матичен лекар, во втората смена работам систематски прегледи. Не може Фондот да ми кажува кои услуги ќе ги давам, кога сум приватна фирма и со ништо не ја оштетувам фондовската каса“, реагира еден матичен лекар од Скопје, кој повеќе од 15 години работи како специјалист по медицина на труд.
Друг матичен лекар се жали дека со систематските прегледи го дополнува буџетот за да може нормално да функционира ординацијата и да го издржува своето семејство. „Со оваа ординација го хранам семејството, но и синот и снаата кои не работат. Ако ми се скрати ова право ќе нема од што да живееме“, револтирано раскажува докторката.
Ваквиот ултиматум од Фондот, според неофицијални извори, се прави со цел да се намали конкуренцијата и да може да профитираат приватните поликлиники кои работат систематски прегледи, а кој минимално чинат по 1.200 денари од вработен.
Од Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека овие лекари не може да седат на две столчиња. Мора да се одлучат дали ќе бидат матични лекари или специјалисти. „Сето ова се прави заради поквалитетна здравствена услуга за пациентите, а тоа стои и во новите договори на Фондот со матичните лекари од април “, објаснува портпаролот на Фондот за здравствено осигурување, Дејан Гацов.
Според податоците од Министерството за здравство, во земјава се регистрирани 48 приватни специјалистички ординации по медицина на труд, а има 117 специјалисти по медицина на труд. Министерството за здравство дополнително ќе излезе со податок колку од нив се матични лекари, како и со коментар дали Фондот може да се стави над дозволите издадени од кај нив. |