Да се обжали ослободителната пресуда за Рамуш Харадинај
Белград - Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, побара од Обвинителството на Хашкиот трибунал поскоро да ја обжали пресудата за поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, донесена во четвртокот.
Харадинај, кој е поранешен командант на Армијата за ослободување на Косово, беше ослободен од сите обвиненија за воени злосторства против човештвото, иако обвинителите на Трибуналот бараа да биде осуден на 25 години затвор.
Според српски и меѓународни експерти, албанските бунтовници од Косово под командната палка на Харадинај во 1998 година ликвидирале околу 300 и се обиделе да убијат уште 400 други лица.
„Харадинај ги извршил најтешките злосторства и оваа одлука на судот е срамна најмногу заради споменот на невините жртви“, изјави српскиот претседател.
Тадиќ изрази подготвеност Белград да соработува со Трибуналот во Хаг при собирањето докази против Харадинај. Тој потсети на изјавата на поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте дека во текот на судскиот процес против Харадинај некои од сведоците беа убиени. (МИА) |