Буш и Путин направија „попис на сработеното“
На средбата во Сочи тие потпишаа Декларација за стратегиски рамки на соработка
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - На прошталната средба меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џорџ Буш вчера во Сочи беше потпишана Декларацијата за стратегиски рамки на соработка меѓу тие две земји. Резултатите од преговорите на „двајцата другари“ не беа за подолго историско паметење, па тие направија „попис“ за што се' разговараа досега и наброија на кои прашања може да се соработува во иднина. Рускиот и американскиот „сердар и војвода“ на заминување меѓусебно се фалеа, но не дојде до солзи. „Двајцата другари“, всушност, во целокупната соработка не постигнаа ниту еден историски договор, бидејќи соработката во борбата против тероризмот им ја наметна заедничкиот непријател. „Во последниве неколку години во повеќе наврати се сретнавме. Ве почитувам бидејќи сте јак лидер, не се плашите да кажете што сакате“, му рече Буш на Путин.
Двајцата претседатели се свесни дека оваа нивна средба не спаѓа во историските. „Декларацијата не доведе до напредок во решавање на постојните проблеми. Но, важно е што се сумира сето она што е позитивно направено во последниве години, од безбедноста, борбата против тероризмот до развојот на деловните односи“, рече искрено Путин. Тој додаде дека во Декларацијата се запишани и несогласувањата во воено-политичкото досие. „Меѓу нашите земји постојат големи разлики во одредени прашања, но тие не влијаеја на односите меѓу Русија и САД во целина“, изјави Путин.
Првите коментари на претставникот на Кремљ беа умерени: главен квалитет на потпишаната декларација е „покажаната политичка добра волја за барање компромис и ширење на дијалогот“, сметаат во Кремљ и додаваат дека последната средба е завршена со позитивно расположение.
На конференцијата за новинарите по средбата на двајцата претседатели, Путин отворено го критикуваше приближувањето на НАТО кон руск��те граници. „За да се подобрат односите со Русија, Запад мора да престане со старата политика на приближување кон нашите граници. Тие мора да престанат да ги привлекуваат кон себе поранешните советски републики“, објасни Путин и нагласи дека тоа е „политика на стара логика“.
Колку се значајни разликите во некои прашања го потврдува и тоа што формулациите за ПРО кои влегоа во декларацијата што ја потпишаа Путин и Буш се договарани до последен момент. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американската државна секретарка Кондолиза Рајс ги пишуваа дури и за време на саботната вечера „на менито“. Буш во Сочи уште еднаш повтори дека противракетната одбрана во Европа не е наменета за заштита од масовно лансирање ракети, туку против идните ирански. „Ја разбирам загриженоста на претседателот Путин, но станува збор за одбранбен систем, а не за офанзивен. Тој не е направен да ја задржува Русија“, изјави Буш на прес-конференцијата. Американскиот претседател објасни дека Русија не е непријател, туку земја со која треба да се соработува.
И во средбата меѓу Медведев и Буш беше покажан стремеж да се продолжи руско-американската соработка и тие двајца се договорија да се продолжи со изнаоѓањето компромис. На вчерашната прес-конференција Владимир Путин уште еднаш објасни дека по истекот на претседателскиот мандат нема да се занимава со надворешна политика. Тој рече дека со надворешната политика, според Уставот, се занимава претседателот, па тие задачи ќе ги извршува Дмитриј Медведев. Путин смета дека кога ќе биде премиер, ќе има многу работа во решавањето на економските прашања.
Следната средба меѓу претседателите на САД и Русија ќе биде на самитот на големата осумка во Јапонија. Самитот ќе се одржи од 7 до 9 јули 2008 година на островот Хокаидо. „Верувам дека јас и Медведев ќе се сретнеме во Јапонија“, рече Буш. „Разговарав со новоизбраниот претседател Дмитриј Медведев 20-ина минути и ми се чини дека тој е директен човек кој ќе го зборува она што го мисли. Тој ми остави добар впечаток и се надевам дека добро ќе соработуваме со него. Моите први впечатоци се многу позитивни, тој е многу паметен човек“, изјави Буш пред новинарите. |