Убиени германски милитанти во Пакистан
Tроjца од оссумината загинати се Германци со арапско потекло
Најмалку осуммина милитанти на Ал Каеда, некои од нив Германци, се убиени во нападот со беспилотно летало во Пакистан, изјавија официјални лица за Би-Би-Си. Се претпоставува дека американското беспилотно летало истрелало два проектила кон куќата во сопственост на локален член на племе во пакистанскиот регион Северен Вазиристан, изјавија официјалните лица. За првите тројца од загинатите се вели дека се Германци со арапско или турско потекло.
Во последниве неколку недели безбедносните сили зборуваа за заговор од Ал Каеда, поврзана со Пакистан, за напади во европски градови. Американските медиуми објавија дека ЦИА ги зголеми ракетните напади со беспилотни летала гаѓајќи милитанти за кои се верува дека го поттикнале заговорот. САД во септември изведоа 26 напади со беспилотни летала во Пакистан, најголем број напади месечно во последните шест месеци.
Заговорот доведе до тоа неколку земји да излезат со предупредување до своите граѓани во врска со патувањата, наведувајќи дека треба да бидат внимателни додека патуваат во Европа. Иако нема официјален коментар во врска со последниот напад со беспилотно летало, има загрижености поради германските државјани во племенските обла��ти.
Германските медиуми уште од 2009 година информираа за исчезнување на неколку исламистички милитанти од нивните домови во Хамбург, за кои се верува дека се упатиле кон племенските области во Пакистан. Апсењето на еден од овие милитанти на почетокот од годинава во Авганистан се посочува дека даде корисни разузнавачки информации за германските иследници.
Американски официјални лица не го коментираа нападот во понеделникот и ретко зборуваат за целите на нивните напади. Официјални пакистански претставници изјавија дека куќата што беше погодена во последниот напад била лоцирана во село на три километри од градот Мир Али. Милитантите наводно биле во посета на племенскиот лидер Шер Мула, кој има блиски врски со Хафиз Гул Бахадур, локален талибански командант. Куќата беше целосно уништена во нападот и покрај загинатите има и неколкумина повредени. Телата подоцна беа однесени од страна на талибанците.
Локални жители ги опишаа загинатите како Арапи, но посочија дека не ја знаат нивната националност. Дописникот на Би-Би-Си во Карачи јави дека локалните луѓето го користат зборот Арап за опишување на секој од Блискиот Исток или за оние од крајниот Запад, како што е Турција. Официјални лица изјавија за новинската агенција АФП дека петмина од загинатите милитанти биле германски државјани со турско потекло, а другите биле локални жители. Меѓутоа, други официјални претставници за Би-Би-Си наведоа дека тројца биле од Германија и ги опишаа сите како лица од Блискиот Исток.
Познато е дека милитантите со западно потекло наоѓаат засолниште во областа и се многу ценети од Ал Каеда, бидејќи обезбедуваат информации за удар врз западни цели. Нападот што се случи во понеделникот не го запре жестокото бомбардирање на племенскиот регион во Вазиристан.
ЦИА пред неколку години ги почна нападите со беспилотни летала, бидејќи веруваше оти пакистанската армија не прави речиси ништо за да се справи со заканата од милитантите во регионот. Официјални претставници на западни разузнавачки служби веруваат дека ракетните напади сериозно ги ограничија капацитетите на Ал Каеда да спроведува големи напади. Повеќе од 150 лица годинава беа убиени во нападите со беспилотни летала, вклучувајќи и милитанти и цивили. Се верува дека и командантот за операции на Ал Каеда е еден од загинатите во неодамнешните напади со беспилотни летала.
Нападите го разжестија јавното мислење во Пакистан, кое минатата недела беше дополнително влошено од непочитувањето на границата од страна на хеликоптерите на НАТО од Авганистан. Пакистанските власти потоа го ограничија снабдувањето со гориво и со неопходни производи од Пакистан за силите на НАТО стационирани во Авганистан. (Би-Би-Си)
|