Велемајсторот Звонко Станојоски (рејтинг 2493) со црни фигури го подели поенот со српскиот интермајстор Горан Тодоровиќ (2389) во четвртото коло на 10. Европско поединечно првенство во шах што од 6 до 17 март се одржува во црногорскиот град Будва. На седум кола до крајот репрезентативецот на Македонија со два поена е на делба на 122. место во конкуренција на 306 шахисти.
Вториот македонски претставник Роберт Велески (2269) загуби со бели од ФИДЕ-мајсторот Мустафа Јилмаз (2399) од Турција и со еден поен го дели 236. место.
Водат Германецот Георг Мејер (2608) и Русинот Ернесто Инаркиев (2656) како единствени со максимален ефект по првата третина од турнирот. (Р.Д.)