На Универзијадата во Белград со пливачи и со атлетичари
Македонија по шест години повторно на најмасовната спортска приредба по ОИ, која ќе се одржи од 1 до 12 јули
Миодраг Мицковиќ
Во Белград се' е во знакот на завршните подготовки за одржување на најголемата студентска спортска приредба на светот - Универзијадата што ќе се одржи од 1 до 12 јули. На неа се очекува да учествуваат и студенти - спортисти од Македонија, но се' уште дефинитивно не е одредено во кои спортови ќе настапи нашата држава. Годинава ќе биде редуциран и бројот на спортовите на Универзијадата. Спортистите од целиот свет ќе се натпреваруваат во: атлетика, кошарка, гимнастика, ритмичка гимнастика, пливање, скокови во вода, ватерполо, тенис, одбојка, џудо, пинг-понг, теквондо и стреличарство.
Од програмата на Универзијадата се избришани седум спортови. Тоа се карате, ракомет, веслање, кајак, стрелаштво и борење. Ги нема оние спортови на кои македонските спортисти-студенти имаа шанси за добар пласман, особено во карате, бидејќи на Светскиот шампионат во карате за студенти во Полска минатата година женската репрезентација на Македонија го освои првото место.
Како што стојат работите сега, Универзитетската спортска федерација на Македонија, чиј претседател е професор д-р Благоја Марковски, треба да донесе одлука во кои спортски дисциплини Македонија ќе настапи на Универзијадата во Белград. Средствата што ги добива федерацијата се ограничени, зависат од Агенцијата за млади и спорт и од разни спонзори, но тие ни од далеку не ги задоволуваат потребите за спортување на студентите-спортисти во нашата држава. Да потсетиме дека во моментот во тек е државно универзитетско првенство во мал фудбал, кошарка, пинг-понг и шах на кое учествуваат спортисти од седум универзитети.
Во тек е под��отовка за Универзитетско првенство на Скопје во неколку споротви, што сигурно бара дополнителни средства бидејќи расходите не се мали од организациски аспект. Поголем број сали во Скопје се дадени под концесија, Универзитетска спортска федерација на Македонија мора да плаќа за нивното користење. Цената за еден час користење е 3.000 денари, плус ДДВ. Каде се тука студиите и друг придружен персонал за организирање на натпреварите.
И покрај финансиските проблеми, Универзитетската спортска федерација на Македонија на Универзијадата во Белград сигурно ќе настапи со по двајца атлетичари и пливачи, веројатно и со некоја гимнастичарка. Во план се и тенисерите. Во екипните спортови немаме шанса да настапиме, котизацијата е висока за учество - 5.000 долари така што кошарката, фудбалот и одбојката отпаѓаат.
Според пропозициите, до 15 април ќе треба да се пријават спортисти кои ќе настапат на Универзијадата. Македонските спортисти - студенти досега настапиле на Универзијадите во Кина (Пекинг), САД (Бафало), Шпанија (Палма де Мајорка) и Италија (Палермо). Поради недостиг на средства ги немаше на Универзијадите во Јужна Кореја (Даегу), Турција (Измир) и во Тајланд (Бангкок). |