Претседателот Јованов поднесе неотповиклива оставка
Сашко Ѓ. Димовски
Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), изненадувачки, останува без претсетаделот Марјан Јованов. Тој се повлекува од функцијата прв човек на македонската одбојка поради презафатеност на деловен план и неможност целосно да и' се посвети на функцијата во федерацијата.
„Поради зголемени работни обврски и активности што ме очекуваатво периодот што претстои нема да бидам во можност целосно да се посветам на работата во Одбојкарската федерација на Македонија. Во интерес на развојот на одбојката поднесувам неотповиклива оставка на местото претседател на Собранието и претседател на Извршниот одбор во федерацијата“, стои во соопштението потпишано од Марјан Јованов до членовите на Извршниот одбор, Надзорниот одбор, клубовите во првата и втората машка лига, клубовите од првата женска лига, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и средствата за јавно информирање.
Изненадување од ваквата одлука на Јованов е присутно кај сите во Одбојкарската федерација на Македонија. Никој не очекуваше дека претседателот на ОФМ ќе се повлече од функцијата на средина на мандатот.
„Затекнати сме. Ова е како гром од ведро небо“, вели комесарот за натпревари во ОФМ, Весна Зарева, која не сакаше да шпекулира со имиња кој ќе го наследи Јованов во ОФМ.
За претстојниот викенд е најавен состанок на Јованов со членовите на ИО на кој ќе се бара решение за негов наследник. Јованов, кој е во заминување, согласно членот 20 од Статутот на ОФМ закажа годишно Собрание на Федерација кое ќе се одржи на 29 март.
Марјан Јованов е директор на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони на Република Македонија. Кормилото на Одбојкарската федерација на Македонија го презеде пред две години, поточно на втори јуни во 2007 година на седницата на највисокото тело на ОФМ што се одржа во хотелот „Александар Палас“. Тој дојде на местото на Драган Давчевски кој ја извршуваше функцијата претседател на ОФМ во периодот од 2003 до 2007 година.
|