Фергусон убеден дека Мурињо ќе оди на пенали
Менаџерот на Јунајтед пред реваншот од ЛШ вели дека Интер, и покрај странците, не може да побегне од италијанскиот менталитет Некој ќе ја нарече битка за супремација меѓу сер Алекс Фергусон и „специјалниот“ Жозе Мурињо, некој како борба меѓу Кристијано Роналдо и Златан Ибрахимовиќ. Но, фудбалот е тимска игра. Па вечерва на „Олд трафорд“ во спектакуларниот реванш-меч од осминафиналето од Лигата на шампионите ќе им биде потребно и на Манчестер јунајтед и на Интер нешто повеќе од индивидуален квалитет. Резултатот од првиот меч 0:0, според Фергусон му дава одлична можност на Интер уште еднаш на дело да го демонстрира италијанскиот менталитет.
„Можам да ви кажам дека Интер вечерва ќе оди на пенали. Италијанскиот менталитет е секогаш таму, без разлика што во тимот има Аргентинци и фудбалери од други земји. Концептот секогаш е ист, тие ќе се обидат да го одведат мечот во продолженија, а потоа и на лотарија“, смета Фергусон, кој не може да прежали што неговиот тим не даде гол на „Џузепе Меаца“: „Ги контролиравме добро во Милано. Направивме многу шанси, но за жал не дадовме гол. Треба да одиграме така и во реваншот, а головите ќе дојдат“, додаде Фергусон не заборавајќи да каже нешто и за Мурињо: „Жозе е магнет за јавноста. Тој е неверојатен и јас уживам кога го гледам на телевизија. Сепак, да бидеме на чисто, тој не може ништо да направи кога неговите играчи ќе ја поминат белата линија. Тогаш станува збор за индивидуална концентрација и јас верувам во моите фудбалери дека се подобри на теренот“, порача Фергусон, кој и вечерва ќе го остави Карлос Тевез на клупата, иако во мечот со Фулам од ФА купот постигна два гола. „Мразам кога морам добри фудбалери да оставам на клупа“, вели Фергусон, најавувајќи дека во нападот ќе игра со Роналдо, Бербат��в и со Руни.
Неговиот најголем проблем во моментов е повредениот Рио Фердинанд. „Чекаме да видиме што ќе се случи со Рио. Тој е битен играч. Се надевам дека ќе може да игра“, вели Фергусон, кој има неславен скор со Мурињо. Го победил само еднаш, за разлика од Португалецот кој има шест победи (шест меча завршија нерешено). Во таа насока интересен беше коментарот на еден англиски новинар: Мурињо можеби е шампион, но Фергусон е легенда!
Без разлика на коментарите, Мурињо е оптимист дека победничката серија на „Олд трафорд“ каде е само еднаш поразен во последните пет гостувања ќе продолжи: „Да, Јунајтед е најсилен тим во Премиерлигата, но треба да прашате колку Премиерлигата е добра откако јас си заминав? Доколку јас бев на чело на некој силен тим во Англија тогаш трката за титулата ќе беше многу подраматична“, кажа Мурињо, кој има сериозни проблеми со стоперите. Повредени се Матераци, Бурдисо и Киву, па против Џенова на тоа место играше Камбијасо. Според италијанските медиуми на терен се враќа Валтер Самуел.
Како и да е, ако фудбалерите на Јунајтед веќе го имаат почувствувано вкусот на европскиот трофеј оние на Интер се свесни дека ова е можеби последна шанса за оваа генерација. „Ќе биде многу тешко, но ова е меч на нашите животи и треба да веруваме дека можеме да направиме успех. Се надевам дека ќе испишеме еден многу важен дел од историјата на Интер“, порача Дејан Станковиќ. Хавиер Занети, пак, кажа дека Интер мора да биде пожив отколку во Италија: „Глупаво е да зборуваме за силината на Јунајтед. Уверен сум дека може да ги победиме. Нема да ја повториме грешката однсоно да бидеме пасивни како на првиот меч. Секако, во одредени моменти треба да ги навлечеме и да им вратиме со нашето силно оружје - контранападите“.
Можни состави
Манчестер јунајтед: Ван дер Сар, Гери Невил, Видиќ, Фердинанд или Еванс, Евра, Керик, Сколс, Руни, Ји сунг Парк, Роналдо, Бербатов
Интер: Цезар, Мајкон, Самуел, Кордоба, Сантон, Занети, Камбијасо, Мунтари, Станковиќ, Ибрахимовиќ, Адријано.
Вечерва играат
Барселона - Лион (1:1 резултат од првиот меч)
Манчестер Ј. - Интер (0:0)
Порто - Атлетико Мадрид (2:2)
Рома - Арсенал (0:1)
|