Македонија се пласира во баражот за ЕП 2009
Во последниот меч изгубивме од Франција со 3:1, а селекцијата успеа да и освои да и освои два сета на Белорусија
Сашко Ѓ. Димовски
Web Update
Македонската машка одбојкарска репрезентација го освои второто место во квалификациската група Ц и се пласира во септемврискиот бараж двомеч, каде за противник ќе ја имаме селекцијата на Чешка. Во исполнување на мисијата ни помогна репрезантацијата на БиХ која и одзеде два сета на Белорусија.
Текст од печатеното издание:
Имавме игра, имавме желба, имавме мотив, полна сала и одлична атмосфера, но немавме среќа. Нашата машка одбојкарска репрезентација, по голема борба, го загуби клучниот меч на вториот евроквалификациски турнир во Скопје од селекцијата на Белорусија со 3:2 (19:25, 25:22, 16:25, 25:21, 18:16), но не ги загуби шансите за второто место во групата кое води во септемврискиот бараж двомеч како последната етапа до континенталниот самит во Турција во 2009 година. За тоа ни' беше потребен барем еден сет синоќа во дуелот со фаворитот во нашата група, Франција, која сите досегашни мечеви во групата ги доби со максимални 3:0, за да го надополниме оној што го загубивме во Данкерк во мечот против БиХ. Во тој случај ќе имаме идентична сет разлика со Белорусите и поради подобриот поен количник од нив ќе завршиме на втората позиција и ќе го продолжиме патот кон ЕП 2009. Покрај тоа нашите репрезентативци, вчера, се надеваа дека нивните колеги од БиХ ќе успеат да и' откинат сет на Белорусија како што ни' го сторија тоа на нас во Франција што ќе беше од огромно значење за нас пред синоќешниот дуел со „триколорите“.
Очекувани порази на девојките во Бузау
Очекувани порази на нашата женска репрезентација на турнирот во Бузау во рамки на квалификациската група Ц за пласман на ЕП 2009. На стартот загубивме од домаќинот Романија со 3:0 (25:21, 25:18, 25:21), а во второто коло и од репрезентацијата на Азербејџан со идентичен резултат (25:13, 25:22, 25:16). Вчера попладне избраничките на селекторот Зоран Чадиев го одиграа и последниот меч во Бузау против националниот тим на Шпанија.
Вториот квалификациски турнир во оваа група е на програмата од 6 до 8 јуни во Мадрид. Првопласираната селекција ќе обезбеди директен настап на ЕП 2009 (за првото место подеднакво конкурираат сите учеснички во групата освен нас), а репрезентацијата на второто место ќе игра бараж. |
Момчињата на селекторот Александар Тасевски можат само да жалат за пропуштената шанса да му дадат формален карактер на третиот натпреварувачки ден на турнирот во Скопје. Недостасуваа повеќе поени од блок, елемент од одбојкарската игра кој во саботата вечерта најслабо функционираше во нашите редови. Мизерниот учинок во затворањето на противничките напади не' чинеше скапо. Со по еден-два блока во секој сет тешко е да се очекува дека може да се стигне до триумф во меч и против послаба репрезентација, а камоли против Белорусија. Двапати водевме во сетови, противникот двапати се враќаше, почнавме одлично во петтиот сет, во три наврати имаа плус три (6:3, 8:5, 9:6), а победата на кра��от, сепак, им припадна на Белорусите и покрај петте нивни сервис грешки во решавачкиот сет. Првиот го добивме со 25:19, вториот го загубивме со 25.22, третиот повторно заврши на нашето конто благодарение на извонредната серија на Никола Ѓоргиев кој во својот разорен сервис едноставно ја разби Белорусија. Неговите фантастично силни и прецизни скок сервиси беа клучот за македонската серија од 7:0 со која од 11:11 се одлепивме на 18:11 по што ни' преостана само рутински да го привршиме сетот до крај.
„Немам замерки за моите играчи. Одиграа машки, силно, мотивирано, гинеа на терен. Но, победи посреќниот. Демонстриравме добра одбрана. Блокот на противникот функционираше добро. Ние се обидовме да го надминеме со брза игра пришто донекаде успеавме, донекаде не. Од резултатот, нормално, не сме задоволен, но дефинитивно сум задоволен од играта што ја прикажавме. Пресуди и тоа што Белорусите постојано имаа предност од еден поен во финишот на петтиот сет со што комплетно го префрлија притисокот врз нас, а ние за жал не успеавме докрај да се справиме со тоа“, ни изјави по мечот селекторот Александар Тасевски.
Првопласираната селекција во нашата квалификациска група, Франција, ќе обезбеди директен пласман на ЕП 2009, а тимот што ќе го освои второто место во септември ќе игра бараж против второпласираниот состав во групата А, Чешка.
Белорусија - Македонија 3:2
По сетови: 19:25, 25:22, 16:25, 25:21, 18:16. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 2000. Судии: Илиеску (Романија) и Цинатл (Чешка).
Белорусија: Аудочанка, Микниук, Антанович, Жехзрдин, Акулич, Акрем, Осипов, Русак, Вертселко, Харамикин, Лихарад, Клишеуски.
Македонија: Ѓорѓевски, Наковски, Јосифов, Ѓоргиев, В. Милев, Деспотовски, Симовски, Митев, Карановиќ, Гинов, А. Милев, Зафиров.
Македонија - БиХ 3:0
По сетови: 25:20, 25:23, 25:15. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 1000. Судии: Цинатл (Чешка) и Илиеску (Романија).
Македонија: Ѓорѓевски, Наковски, Јосифов, Ѓоргиев, В. Милев, Деспотовски, Симовски, Митев, Карановиќ, Гинов, А. Милев, Зафиров.
БиХ: Тешиќ, Мухаремовиќ, Пупиќ, Салиховиќ, Чуран, Халиловиќ, Агановиќ, Лепиќ, Благојевиќ, Бездроб, Мичиќ, Цвијановиќ. |