Мислења
Последни избори според стари правила
Ана Павловска - Данева
Стимулирани изборни незаконитости: прекрши го законот, пукај, заканувај се, добиj ги посакуваните пратенички места и за тоа плати 5.000 евра
Во моментот на пишување на овој текст, изборните резултати се непознати, иако на денот на објавување на колумнава политичките победници ќе бидат во фаза на големо славење. Честитки за победата! Честитки и за нас граѓаните што го издржавме катастрофалното предизборие придружено со сите можни обиди за „перење“ на умот. По редоследот на нештата, сега следува поднесување на сметките, не користам алегорија, мислам на вистинските – финансиски сметки. Кај ова прашање нашиот најголем проблем се декларативните законски одредби, кои од една страна фигурираат на хартија, но, од друга страна, се празни и растегливи, односно не ги решаваат проблемите со кои се соочуваме при секои избори од осамостојувањето на државава. А, ваквата ситуација, политичките партии (некои помалку, некои повеќе, во зависност од тоа дали се власт или опозиција), ја користат, поточно вулгарно и беспоштедно ја злоупотребуваат.
Финансирањето на изборните кампањи на политичките партии во нашава земја се' уште се чини табу-тема. Мал дел од невладините организации кои го претставуваат нашето цивилно општество се заинтересирани за ова прашање, новинарите ретко ја обработуваат оваа тема, а и да сакаат да спроведат некакво аналитичко истражување, одговорите од страна на корисниците на финансиските средства (партиите) се безлични, нецелосни и неупотребливи, додека, пак, со самите финансиери на изборните кампањи (физичките лица и компаниите кои вложуваат средства) никој не се ни дрзнува да поразговара на оваа тема. Стручната јавност за ова прашање ја сочинуваат мал број експерти, главно претставници на науката и на невладините организации, кои своето мислење се повикани да го искажат само кога се изработуваат предлози на нови законски одредби (измени на изборното законодавство), но тоа никако не значи дека нивните сугестии, предлози и идеи актуелните политички елити ги земаат предвид при подготовката на официјалните законски текстови. Напротив, едно се зборува и пишува во работните тимови и експертските извештаи, а во законодавниот дом сосема друго осамнува како официјален владин предлог-закон.
Така, во Македонија и денес, по седумнаесет години државност, самостојност и сувереност, по донесување стотици битни и небитни закони и законски измени, по безброј посредни, непосредни и категорични укажувања на меѓународни организации, дипломатски претставници и слично, не постои законска норма со која се уредува прецизна и строга процедура за спречување и санкционирање на изборните незаконитости од секаков вид, вклучувајќи го и финансирањето на изборната кампања. Изборниот законик содржи една општа одредба според која за законитоста на спроведувањето на изборната кампања е одговорен нејзиниот организатор, а ако оваа одредба не се почитува, се предвидува прекршочна казна за организаторот во максимален износ од не цели 5.000 евра. Човек не мора ни да е многу интелигентен, ниту да е искусен политичар, уште помалку добар правник или економист, за да пресмета дека одредбава стимулира изборни незаконитости: прекрши го законот, укради многу пари, пукај, заканувај се, застрашувај, добиj ги посакуваните пратенички места и, на крај, за сето тоа плати 5.000 евра. Имаме во Законикот и одредба која предвидува дека изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на избори. Но, немаме одредба која предвидува казна за непочитување на овој рок, како ни орган надлежен да ја изрече казната!
Одредбите, пак, за финансирањето на изборната кампања се приказна за себе. Партиите се должни да поднесат финансиски извештај за изборната кампања до Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и до Собранието најдоцна во рок од 30 дена по денот на верификација на мандатите. Е, по поднесувањето на извештаите, ДИК има едно многу „сериозно“ овластување – да ги објави тие извештаи (какви се - такви: нецелосни, недоречени, неточни... не е важно) на својата Интернет-страница. Застрашувачка казна за корисниците на нелегални пари! Државниот завод за ревизија, пак, ако утврди неправилности поврзани со финансирањето на изборната кампања, може дури да ги извести надлежните органи (?) поради поведување соодветна постапка. Исклучително значајно овластување! Сведоци сме како со години наназад, при секои избори, политичките партии мака мачат со казните што им ги изрекуваат „надлежните органи“.
Единствената одредба од Изборниот законик која заслужува внимание и која сериозно треба да биде „обработена“ при идните измени на Законикот е онаа која предвидува овластување за ДИК (односно општинската изборна комисија кога се локални избори во прашање) да донесе решение за поништување на листата на кандидати најдоцна до денот на одржување на изборите, ако со правосилна пресуда се утврди дека во текот на изборната кампања користеле средства стекнати од извршени казниви дела (чл. 87 ст.2 од Изборниот законик). Со други зборови, ако со правосилна судска пресуда се докаже дека одредена политичка партија користела во својата изборна кампања средства од извршено кривично дело (украдени, изнудени или друг вид нелегални пари), таа го губи правото да учествува на претстојните избори. Но, за реализација на оваа одредба, има многу „ако“. Прво, до поништување на листата на кандидати ќе дојде АКО некој поведе постапка пред суд, па АКО судот во многу кус рок донесе таква пресуда, па АКО повисокиот суд, исто така во кус рок, ја потврди пресудата за таа да биде правосилна, и АКО на крајот ДИК смогне сила, храброст и волја да донесе решение за поништување на кандидатската листа и уште АКО изборите не се завршени. Идејата е добра, постапката за нејзина реализација е сложена и во наши услови речиси невозможна. Затоа, одговорноста за изрекување ригорозна и ефикасна казна треба целосно да се стави во надлежност на Државната изборна комисија, таа веднаш со свое решение да ја исклучи од изборна игра партијата која својата кампања ја води незаконски, со „валкани“ пари, па дури и ако до откривање на казнивото дело дојде по завршување на изборите, забраната подобро да важи за следните избори наместо делото да остане неказнето. Самата можност за ваква реакција на државните органи дејствува превентивно кај евентуалните прекршители на законот. На незадоволната партија од решението на ДИК ќе и' биде оставено правото на судска заштита.
Останува да видиме дали новата Влада и новото Собрание ќе сакаат да се фатат во костец со овој сериозен и со години нерешлив проблем од кој во голема мера зависи евроатлантската иднина на нашата држава. Изборниот законик мора да содржи ефикасни санкции за изборните незаконитости, одредби кои ќе ги одвратат поединците и политичките партии од криминал, одредби кои ќе ја зајакнат одговорноста на државните институции. Ако повторно отсуствува вистинска политичка волја овие прашања да се расветлат и да им се стави крај на предизборните и изборните злоупотреби и манипулации, залудни ќе бидат сите полициски обезбедувања на изборните места, сите УВ-ламби и спрејови, сите независни набљудувачи, сите предупредувања на странските претставници и сите нивни извештаи.
(Авторката е доцентка на Правен факултет) |