Керим: На светот му требаат ОН, но не денешниве
Во интервјуто за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, д-р Срѓан Керим говори за кризата во Бурма и за реформата на ОН
„Обединетите нации му требаат на светот, но не тие што ги имаме сега“, изјави претседателот на Генералното собрание на ОН д-р Срѓан Керим во интервју за реномираниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Во разговорот со новинарот Андреас Рос, Керим говори за кризата во Бурма, Советот за безбедност и за реформата на ОН. „Мора да ја промениме и Повелбата на ОН. Онака, како што по прв пат го реновираме главното седиште во Њујорк, бидејќи утврдивме дека се' е ’рѓосано, така и нашите глави имаат претрпено корозивен процес. Сега, мора да го промениме нашиот курс. Во спротивно, ќе се множат идеите каква што е таа за лига на демократиите и ќе не' совладаат“, вели Керим во одговорот на прашањето дали ќе успее голема реформа на ОН.
Според Керим, предлогот на американскиот претседателски кандидат Џон Мекејн да се основа лига на демократиите е опасен и е концепт што потсетува на времињата од Студената војна, односно Западот против остатокот на светот.
Зборувајќи за реформите во ОН и за предлозите за проширување на Советот за безбедност со нови постојани членки, Керим вели дека сите земји, кои се изјасниле да преземаат одговорност, без разлика дали станува збор за Германија, Бразил, Индија или Јапонија, поседуваат легитимно право да се кандидираат. Но, додава Керим, има цели региони во светот кои се премалку претставени во Советот за безбедност, при што ги посочува Африка и Латинска Америка. „И Европејците од Источна Европа посакуваат место под сонцето. Секако дека и ЕУ треба да размисли како сака да биде застапена во Њујорк со наскоро повеќе од 30 држави“, вели Керим.
Дел од интервјуто е посветено и на улогата на ОН при хуманитарните катастрофи, како што е онаа што се случи во Мјанмар, кога владата на оваа земја спречи хуманитарната помош да дојде до настраданите. „Одговорноста за заштита важи за геноцид и злосторства против човештвото, не во овој случај“, вели Керим, при што додава дека концептот мора да се прошири, односно дека одговорноста за заштита треба да се протега и на природни катастрофи, кои една национална влада не може да ги совлада сама. „Меѓународната заедница мора да биде способна за дејствување во вакви ситуации, без притоа да ја повреди сувереноста на државите“, вели Керим, залагајќи се за поголема флексибилност во меѓународните односи.
Во интервјуто за германскиот весник, Керим нагласува дека се залага за достоинство на секоја држава одделно, но дека не треба да се заборави и на местото и улогата на секој поединец, односно на достоинството на човекот. „Сепак, владите повеќе не го одредуваат сами чекорењето на светот. И ОН мора, исто така, да ги земат предвид и глобализираните компании и, на пример, невладините организации или науката“, вели Керим. Но, додава тој, би било историска грешка кога сите би се забарикадирале во сопствените национални држави, бранејќи го принципот на безусловна државна сувереност.
Одговарајќи на прашањето што постигнал како претседател на Генералното собрание, кое пред неколку ��одини донесе одлука за негова „ревитализација“, Керим вели: „Не можете да се прогласите за полумртов! Ако земјите-членки сакаат витално Генерално собрание, тогаш тоа мора систематски да се занимава со релевантните проблеми на светот. Затоа во мојата агенда стојат климатските промени, развојните цели и финансирањето на развојот, борбата со тероризмот и реформа на ОН“, вели д-р Срѓан Керим во интервјуто за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. (Д.Р.) |