Од денес кредити со повисоки камати
Комерцијална банка ги зголеми каматите на дел од кредитите, а Тутунска банка засега не оди со покачување
Нина Нинеска - Фиданоска
Од денес, ако имате тековна сметка во Комерцијална банка, за искористено дозволено пречекорување од 50.000 денари ќе плаќате повисока месечна камата за близу 41 денар. За еден процентен поен се зголемуваат и каматните стапки на кредитните картички. Каматите на потрошувачките кредити обезбедени со меница, пак, се повисоки за 0,5 процентни поени. Ако имате кредит за физички лица со рок на враќање од седум години, за износ од 150 илјади денари ќе имате зголемување на месечната камата за 61 денар, а за износ од 480 илјади денари ќе плаќате повисока месечна камата за 197 денари.
Ако една компанија, пак, користи кредит од оваа банка во износ од 1.000.000 денари, ќе треба да плати повисока месечна камата за 417 денари. Доколку фирмата, пак, има кредит од 50.000.000 денари, нејзината месечна камата ќе биде повисока за близу 21 илјада денари.
Но, не треба да се грижат тие што имаат станбени, автомобилски и потрошувачки кредити за кои банката има добиено квалитетно обезбедување. Нивните камати нема да одат нагоре.
Од 1 јуни поскапеа дел од кредитите во Комерцијална. Главна причина се повисоките стапки на благајничките записи, кои Народна банка на Македонија ги зголеми со цел да ја заузда инфлацијата. Во Комерцијална велат дека при првото и второто зголемување банката не ги покачи своите камати, преземајќи на себе дел од зголемените трошоци. „Сепак, по третото зголемување и по порастот на инфлацијата, која во април изнесуваше 10,1 отсто, банката се одлучи за селективно зголемување, водејќи сметка за својата конкурентска позиција“, велат во банката.
Дел од клиентите на Стопанска банка реагираат дека каматите на некои од картичките им се веќе зголемени, а тие не биле информирани за поскапувањето. Од оваа банка не успеавме да добиеме коментар дали таа веќе ги има покачено или, пак, од кога планира зголемување на каматните стапки на кредитите. Кога НБМ по втор пат ги покачи каматите на записите, првиот човек на Стопанска банка изјави дека банката сигурно ќе ги зголеми каматите, бидејќи нормално е банките да ги следат сигналите од монетарната власт.
Во НЛБ Тутунска банка велат дека засега нивните камати остануваат на старото ниво. „Во овој момент нема покачување на каматните стапки. Се' уште вршиме анализи, размислуваме и правиме пресметки. Ќе почекаме да видиме колку ќе изнесува стапката на инфлација за мај и дали централната банка ќе оди со ново зголемување на стапките на благајничките записи. Согласно со тоа, ќе донесеме одлука за нашите каматни стапки. Но, од почетокот на овој месец сигурно нема да има зголемување“, велат во НЛБ Тутунска банка.
Инаку, НБМ беше принудена во три наврати да оди со зголемување на каматите на благајничките записи, бидејќи кредитирањето во изминатите неколку месеци прилично агресивно растеше. Годишната стапка на раст на кредитите во март достигна 42,2 отсто. Притоа, најмногу растело кредитирањето на населението, за цели 60 проценти на годишна основа.
Монетарната власт ги поскапе записите со намера банките повеќе од своите слободни пари да вложуваат во записи, а помалку да трошат за кредитирање. Така се смета дека ќе се намали количината пари од оптек и на тој начин ќе се ублажи високиот пораст на цените во земјава. Најголем дел од банките велат дека засега немаат намера да го намалат давањето кредити.
Како во наредниот период ќе се движат каматите најмногу зависи од тоа каква стапка на инфлација ќе се регистрира во следните месеци. Сега сите погледи се вперени кон Државниот завод за статистика, за кој денес се очекува да излезе со податоците за мајската инфлација. |