Судството доби преодна оцена од европските монитори
Во извештајот се наведува дека се спроведени голем број реформи, но се укажува и на недостатоци
Гордана Дувњак
Македонското судство, генерално, доби позитивна оцена од Европа. Во извештајот за судството на Европската мисија за оценување подготвен од Шпанецот Хорхе Еспина се наведува дека се спроведени голем број клучни реформи и се донесени соодветни закони, но наедно се укажува и на повеќе недостатоци во оваа област. Мониторингот е спроведен од 10 до 14 март годинава, кога неколкучлената европска делегација оствари повеќе посети на правосудни институции.
Уште во самиот почеток на извештајот, подготвувачот констатира дека европскиот судски сектор нема применливо законодавство да ја води земјата-кандидат и оти постои широка разновидност на системи за регулирање на институционалната структура на судството.Оттаму, Европската комисија секогаш сакала да ги насочи земјите со кандидатски и преткандидатски статус да ги применат системите кои се соодветни за нив.
Правејќи компарација со претходното мониторирање од 2005 година, се пофалува тоа што посветеноста на реформите ја делат различни политички актери во земјата, кои се насочиле на суштинските прашања поврзани со независноста на судиите и обвинителите.
По проблемите околу докомплетирањето на Судскиот совет, ова тело целосно функционира, а одреден број членови се избрани и во новиот Совет за јавни обвинители. Во извештајот не се навлегува подлабоко во работата на Судскиот совет, туку само се констатира дека неговите надлежности поврзани со назначување, разрешување и дисциплински мерки за судиите, сосема одговараат на најдобрите европски стандарди кои ги следат земјите-членки. Начинот на кој се избира јавниот обвинител се оценува како „многу соодветен“, кој дури ги надминува меѓународните стандарди. Притоа, се подвлекува дека фактот што Советот на јавни обвинители може да ги блокира предлозите на владата, значи дека се воспоставени дополнителни контроли, со што ќе се избегнат, колку што е можно, политички мотивираните назначувања.
И покрај препораката дадена во претходниот извештај за укинување на имунитетот на судиите и обвинителите, во извештајот се наведува дека добиле информации од Судскиот совет дека сите предлози во кои било побарано одземање на имунитет на судија се прифатени, па дури некои од нив се и осудени.
Колку е мудра одлука учеството на министерот за правда во двата Совета? Подготвувачот на извештајот нема дилема, дека улогата на министерот треба да биде во обезбедувањето финансиска независност на третата власт, каде што податоците од теренот оставаат простор за загриженост. И покрај укажувањата на Министерството за правда дека во апсолутна бројка буџетот на судството се зголемил во однос на 2005 година и се движи околу 25 милиони евра, сепак, во извештајот се потенцира дека не треба да се заборави дека бројот на судии е зголемен, а исто и платите. Доколку се исклучат платите, другиот износ, всушност, претставува намалување на буџетските средства за тековни трошоци, а тоа влијае на ефикасноста на судството.
„Нема простор за вистинска независност, онаму каде што недостига економска независност“, гласи пораката на шпанскиот обвинител Еспина, поради што тој порачува државата да го одврзе ќесето доколку сака реформи во оваа област. Тој критички се осврнува и на бројот на вработени во судовите, каде што има недостиг од персонал, особено во новоформираниот Управен суд. А, како позитивен сигнал, се оценува вклучувањето на практичари во законодавниот процес. Како еден од начините за подобрување на ефикасноста на судството, се препорачува натамошна специјализација на судови, како и формирање нови судови.
Во поглед на независноста на обвинителите, мониторите сметаат дека не постои поголем ризик за политички притисок, но она што ги загрижува е тоа што обвинителите недоволно ги користат своите сегашни капацитети и не се доволно вклучени во истрагите. Како опасен знак се препознава поврзаноста и размената на информации со полицијата. Оценувачката мисија како посоодветно решение го препорачува централизирањето на судскиот буџет во Судскиот совет, наместо досегашната функција на Врховниот суд. Тоа треба да подразбира и централизирање на сите јавни набавки, кои досега секој суд ги вршеше посебно. Се поздравуваат и законските измени во парничната постапка, прекршоците, извршувањето, со сугестија дека законските промени треба правилно да се спроведат.
Посебен дел во извештајот е посветен на Академијата за обука на судии и обвинители. Целосниот впечаток за оваа институција е добар, но се забележува на големиот број обучувачи (над 100), а одредена загриженост се искажува и во однос на целосното почитување на анонимноста на испитите. Како непотребен услов за прием во Академијата се наведува положениот правосуден испит, а како нелогичност секој кандидат да се обучува за судија и обвинител, со препорака на постоење претходна фаза. Редуцираниот буџет за Академијата се споменува како посебен проблем, при што се сугерира веднаш да престане намалувањето на буџетски средства. |