Соработката на САД со Кина е клучна за глобалната економија
ПЕКИНГ - Глобалната економска состојба се потпира на изнаоѓањето заеднички интерес на САД и Кина, изјави американскиот потпретседател Џо Бајден пред идниот кинески лидер Ши Џинпинг, на разговорите чија цел е да се зајакне довербата во доларот. Потпретседателот Ши, кој се очекува да го наследи Ху Џинтао на претседателската функција од почетокот на 2013 година, ќе наследи одговорност за огромните, понекогаш проблематични односи на неговата земја со САД.
„Би рекол дека нема поважни блиски односи од оние што САД треба да ги воспостават со Кина“, му рече Бајден на Ши на почетокот на разговорите во Големата народна сала, церемонијалната сала во центарот на Пекинг.
Посетата на Бајден е со цел стекнување доверба, а не постигнување договори, а двете страни топло ги поздравија односите во почетокот на разговорите, на кои беше дозволен кус пристап за новинарите. „Јас, исто така, верувам дека според новите услови, Кина и САД засекогаш имаат обемни заеднички интереси и засекогаш преземаме важна одговорност“, му рече Ши на Бајден.
Бајден ќе се обиде да дознае како Ши (58) има намера да ги води односите, кои опфаќаат валута, трговски односи и тензии, американската продажба на оружје на Тајван, дипломатски спорови од Судан до Северна Кореја, и тврдењето за човековите права.
Ши ќе го претстави својот профил на неколку состаноци со Бајден, како и со посетата на САД, можеби, на почетокот на идната година. Но, тој, исто така, ќе треба да покаже дека може да ги води овие и други „мински“ прашања во односите. (Ројтерс) |