Шестмина убиени во напад во Израел
Милитантите нападнале неколку цели во близина на границата со египетската пустина Синај
ЕРУСАЛИМ - Најмалку шест лица загинаа вчера во напади на вооружени напаѓачи врз израелски возила, во близина на границата со египетската пустина Синај, зголемувајќи ја загриженоста во Израел за зголемената активност на милитантите долж порозната граница.
„Тоа беше сериозен терористички инцидент што се случи на неколку локации“, изјави министерот за одбрана, Ехуд Барак. „Тоа ја одразува ослабената контрола на Египет во Синај и проширување на активностите со терористички елементи“. Нарекувајќи го појасот Газа, територија контролирана од исламистите на Хамас, која граничи со Синај и со Израел, „извор на терористички активности“, Барак рече: „Ќе дејствуваме против нив со сите сили и решителност“.
Израелската војка соопшти дека инцидентот започнал кога „терористите отвориле оган врз автобус на пат кон градот Еилат, а потоа истрелале антитенковска ракета врз друго возило. Во исто време, воена патрола погоди експлозивна направа“.
Амбулантната служба Маген Давид Адом јави дека шест лица загинале. Воените извори јавија дека бројот на повредените е околу 25. Израелските специјални сили воделе борби со вооружените напаѓачи, додека полицијата и војската ги затворила патиштата околу Еилат, популарно одморалиште на Црвено Море. Војската соопшти дека загинале меѓу двајца и четворица напаѓачи.
Израелски претставници изразија загриженост дека милитантните групи во Синај го користат безбедносниот вакуум што настана со соборувањето на претседателот Хосни Мубарак во февруари. „Нашата првична претпоставка е дека терористичка група се инфилтрирала во Израел и го предизвикала овој повеќекратен напад“, рече потполковник Авитал Леибовиц, портпарол на израелската војска.
„Забележав две лица во работна униформа што пукаа кон мене“, рече возачот на автобусот Бени Билбаски за Израелското радио. „Видов дека имаше повредени во автобусот, но продолжив да возам, гледајќи право, ниту десно ниту лево. Откако поминав еден километар од таа област и бев надвор од дострел, се погриживме за повредените“.
Во вторникот, египетските безбедносни сили јавија дека со воените мерки за вооружените групи во северната пустина Синај биле фатени четворица исламски милитанти, кога се подготвувале да разнесат гасовод. Мрежа од шверцерски тунели ја поврзува таа област со појасот Газа. (Ројтерс) |